Ikrame Imane Kouachi
19 Јули 2024•Ажурирај: 20 Јули 2024
АМАН (АА) - Министерството за надворешни работи на Јордан го повика холандскиот амбасадор поради изјавата на екстремно десничарскиот холандски парламентарец Герт Вилдерс против палестинскиот народ, јавува Анадолу.
Министерството за надворешни работи соопшти дека го повикало холандскиот амбасадор во Аман, Хари Вервеи, синоќа за да достави „силна нота на протест до неговата Влада поради изјавите на екстремно десничарскиот холандски политичар Герт Вилдерс“.
Министерството смета дека овие изјави се поврзани со резолуцијата на израелскиот Кнесет „која има цел да ги негира неотуѓивите права на палестинскиот народ на своја независна и суверена држава на свое национално тло“.
Кнесетот вчера изгласа резолуција со која се отфрла формирањето палестинска држава.
Во резолуцијата се тврди дека формирањето палестинска држава „во срцето на Израел“ би претставувало „егзистенцијална закана за државата Израел и нејзините граѓани“.
Во мај 1948 година на окупираните палестински територии беше основана државата Израел, при што беа раселени 750.000 Палестинци.
Јорданското Министерство за надворешни работи побара „холандската Влада да заземе јасен став осудувајќи ги овие коментари“.
Министерството посочи дека „провокативните изјави на овој расистички парламентарец се правно неважечки и претставуваат кршење на меѓународното право“.
Вилдерс, екстремно десничарски политичар познат по антиисламските стави, во своите изјави ги негира правата на палестинскиот народ, особено правото на независна и суверена држава и посочи дека „единствена и вистинска палестинска држава е Јордан“.