Ferdi Türkten
02 Јануари 2020•Ажурирај: 04 Јануари 2020
АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, истакна дека 200-250 илјади бегалци се движат кон границата на Турција и дека со некои мерки се обидуваат да ги спречат, но дека тоа не е лесно, бидејќи се работи за луѓе, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател имаше обраќање на Симпозиумот „Градот и безбедноста“ што се одржа во Претседателскиот комплекс во Анкара.
Ердоган, истакнувајќи дека концептот на градот има многу важно место во историјата на човештвото, додаде дека бројот на градови во светот, кои денес се со население над 10 милиони, се приближува до 40.
Според него, покрај многубројното население, со развојот на технологијата, инфраструктурните мрежи на градовите станале доста комплексни.
Претседателот Ердоган, осврнувајќи се на безбедносните мерки во големите градови, нагласи:
„Колку е поголем градот, толку се поголеми безбедносните проблеми. Надворешната безбедност на нашите градови не можеме да ја заштитиме со одбранбени ѕидови и ровови. Затоа, според новата ситуација, треба да развиеме нови пристапи, нови идеи, нови методи. Верувам дека овие симпозиуми ќе придонесат за создавање на безбедносниот поредок што е потребен за нашите градови во иднина. Секоја земја и општество треба да произведат решенија што ги задоволуваат сопствените потреби.“
Посочувајќи на важноста на хоризонталната архитектура, Ердоган рече:
„Ако мислиме на мали интереси, ќе ги изневериме нашите градови, неопходен е одлучен став. Со вертикалната архитектура, ние ги изневеруваме нашите градови.“
Ердоган во своето обраќање се осврна и на последните случувања во Идлиб, потенцирајќи дека кон границата на Турција се движат 200-250 илјади бегалци.
„200-250 илјади бегалци се движат кон нашата граница. Со некои мерки се обидуваме да ги спречиме, но не е лесно, имате луѓе пред вас. Вие сте безбедни толку колку што им давате вредност на своите луѓе и на луѓето кои побарале засолниште кај вас“, нагласи Ердоган.
Тој, исто така, рече дека низ 81 општина во Турција има над 5 милиони луѓе, од кои околу 4 милиони се Сиријци, додавајќи дека тие што не сакаат странци во својот град немаат човечки сензибилитет и кредибилитет.
Во однос на безбедносните мерки преземени во Европа против демонстрациите, рече дека западните градови наводно се симбол на правилата, редот и слободата, но одеднаш се претворени во затвори на отворено.
„Оставете ги на една страна правните права, најосновните човекови права не функционираа. Тоа пред кратко време го видовме во Холандија, Париз. Како полицајците ги влечат жените по земја, како ги тепаа жените и луѓето со палките. Сето тоа што се случуваше таму го гледавме на екраните. Но ако турската полиција направеше нешто слично на тоа, светот ќе го подигнеа на нозе“, истакна Ердоган.