Halil Demir
02 Јануари 2020•Ажурирај: 03 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската полиција во Истанбул приведе најмалку седум лица во врска со бегството на поранешниот челник на „Нисан-Рено“, Карлос Гон, кој од Јапонија преку Истанбул избега во Либан, јавува Агенција Анадолија (AA).
Гон, поранешен челник на една од водечките светски автомобилски корпорации „Нисан-Рено“, беше во куќен притвор во јапонскиот град Осака поради злоупотреба на функцијата. Кон крајот на изминатата година, преку истанбулскиот аеродром „Ататурк“ избега во Бејрут, главниот град на Либан.
Во рамките на истрагата што е започната во Турција, полицијата утринава приведе најмалку седум лица во врска со овој случај.
Турската полиција приведе четворица пилоти на приватна компанија, двајца вработени во друга приватна компанија и управител на приватна компанија за транспорт, под обвинение дека му помогнале на Гон да избега во Бејрут.
Криминалистичката обработка е во тек.
Гон по доаѓањето во Либан се огласи порачувајќи:
„Сега сум во Либан. Не сум повеќе заложник на јапонското правосудство кое наметнуваше обвиненија. Не избегав од правдата, се ослободив од прогонот и од политичката репресија.“
Гон во Јапонија беше уапсен на 19 ноември 2018 година поради наводно прикажување на пониски приходи и проневера на милиони долари на таа компанија. Обвинет е дека ги прекршил јапонските закони со тоа што во 2011 година вкупните приходи ги прикажал за пет милијарди јени помалку (околу 45 милиони долари). Од апсењето беше во домашен притвор во Осака, каде што ја чекаше пресудата.