Штрковите повторно го претворија Кајсери во рај за љубителите на природата
- Штрковите, во период од речиси шест месеци ги одгледуваат своите младенчиња и ги учат да летаат, потоа ја напуштаат населбата за да мигрираат кон потоплите краишта
Ergün Haktanıyan
06 Јуни 2026•Ажурирано: 06 Јуни 2026
photo: Müzahim Zahid Tüzün / AA
КАЈСЕРИ
Штрковите што направија гнезда на електричните столбови во округот Хаџилар во турската област Кајсери, деноноќно чуваат стража и ги штитат своите тукушто изведени малечки, јавува Анадолу.
Штрковите ги градат своите домови во близина на влажните подрачја каде што престојуваат птиците преселници во Кајсери, а веќе долги години се незаменливи и драги гости на жителите од населбата Хурметчи.
Секоја година, со затоплувањето на времето, овие птици се населуваат во своите гнезда направени на покривите на куќите и на електричните столбови под падините на планината Ерџијес.
Откако со денови будно бдеат над јајцата во гнездата, штрковите наизменично летаат во потрага по храна и повторно се враќаат.
Фотографија : Müzahim Zahid Tüzün/AA
Како и секоја година, така и ова лето тие ја живеат слатката возбуда на одгледување на новите членови на нивното семејство, додека малечките со своето карактеристично „тракање“ ја разбиваат тишината во маалото.
Штрковите, во период од речиси шест месеци ги одгледуваат своите младенчиња и ги учат да летаат, потоа ја напуштаат населбата за да мигрираат кон потоплите краишта.
Ибрахим Демир, претседател на месната заедница во Хурметчи, во изјавата за дописникот на Анадолу раскажа дека штрковите што секоја година ги пречекуваат се составен дел од ова место.
Посочувајќи дека штркови со младенчиња има на речиси секој столб во населбата, Демир рече: „Имаме гнезда на околу 40-50 електрични столбови во маалото. Навикнати сме на нивниот глас. Сега е токму периодот кога се изведуваат младенчињата. Ова предизвикува голем интерес и кај туристите што доаѓаат да нè посетат.“
- „Во ова годишно време штрковите се симбол на ова место“ -
Демир посочи дека дел од електричните столбови во маалото се поставени специјално од Општина Хаџилар, со цел штрковите да направат гнезда на нив.
Фотографија : Müzahim Zahid Tüzün/AA
Раскажувајќи дека ова подрачје е вистински рај за преселба и претставува природно продолжение на мочуриштето Султан Сазлиѓи, Демир вели:
„Доаѓаат секоја година. Навикнати сме на нив. Ги чувствуваме како дел од нашето семејство, едноставно без нив не може. Во ова годишно време штрковите се вистински симбол на нашето место. Доаѓаат на средина на март, а заминуваат при крајот на септември. Оваа земја е плодна. Има изобилство риби и инсекти. Тука штрковите се хранат слободно и ги одгледуваат своите младенчиња на најдобар начин. Теренот е рамен, со многу вода и мочуришта. Токму онакво место какво што сакаат нашите штркови.“
Демир вели дека овие птици му даваат посебна убавина на нивното маало, кое посетителите честопати го нарекуваат „село на штрковите“.
Упатувајќи апел до туристите што доаѓаат во посета да бидат повнимателни кон околината и да шетаат без да оставаат отпадоци зад себе бидејќи само на тој начин можат да се зачуваат овие преубави природни богатства.
Штрковите повторно го претворија Кајсери во рај за љубителите на природата