Esra Akgün
06 Февруари 2016•Ажурирај: 07 Февруари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) се загрижени од можноста силите на Асадовиот режим, со поддршка на Русија, да го стават под целосна опсада сирискиот град Алепо, со што состојбата во овој дел на земјата би можела да се влоши, пренесува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на Белата куќа Џош Ернест, на редовната дневна конференција за печатот одговараше на прашањата на новинарите во врска со „илјадниците Сиријци кои го напуштаат Алепо и околината, поради сè почестите судири во овој дел на земјата”.
Ернест рече дека САД се загрижени поради хуманитарната трагедија во Сирија и додаде дека постојано е нагласувано дека силите на Асадовиот режим како мета го земаат невиниот народ во регионите под контрола на опозициските сили. Според него, градот Алепо е најдобар пример за тоа.
Ернест додаде дека активностите на режимот, кој го поддржува Русија, резултираат со смрт на илјадници невини луѓе и дека режимските напади се една од причините за создавањето на бегалската криза не само во регионот, туку и во целиот свет.
„Русија, со пружањето поддршка на Асад, му дава можност на режимот да го зголеми насилството, а истовремено ги спречува напорите за политичко решение во оваа земја за која велат дека и самите се определени”, порача Ернест и додаде:
„Она за што сме навистина загрижени е постоењето на можноста владините сили, со поддршка на Русија, да го стават под опсада градот Алепо, загрижени сме и поради влошувањето на хуманитарната ситуација во и околу овој град”.