Dildar Baykan Atalay
06 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
ВАШИНГТОН
Американската власт го осуди воениот удар во Гвинеја, известува Агенција Анадолија (АА).
Нед Прајс, портпаролот на американскиот Стејт департмент, во писмено соопштение истакна дека САД го осудуваат насилното преземање на Владата во Гвинеја.
„Насилството и неуставните чекори само ги трошат желбите на Гвинеја за мир, стабилност и просперитет“, наведува Прајс во соопштението, истакнувајќи дека таквите акции ја ограничуваат способноста на САД и другите меѓународни актери да ја поддржат Гвинеја.
„Ги повикуваме сите страни да се воздржат од насилство и какви било дејствија што не се поддржани со Уставот и да го поддржат владеењето на правото“, вели Прајс во соопштението.
- „Ние не допревме ниту влакно од вашата коса, нели?“
Вчера наутро пукотници се слушнале од регионот Калум, каде што се наоѓаат претседателската палата „Секутуреја“ и административните згради во Конакри, главниот град на Гвинеја.
Неколку часа по инцидентот, на социјалните мрежи беше пуштено видео со изјава на полковникот Мамади Думбуја, началник на Единиците на специјалните сили, во врска со преземањето на власта во земјата.
Во исто време беа споделени и снимки од приведувањето на претседателот Конде од страна на војниците.
На видеото може да се забележи како Конде чека во соба со група војници, а еден од војниците го прашува исцрпениот Конде: „Ние не допревме ниту влакно од вашата коса, нели?“, на што Конде не даде одговор.
- Името на хунтата е „Комитет за национално единство и развој“
Набргу откако снимките се појавија на социјалните мрежи, група војници под водство на Думбуја влегле во државната телевизија РТГ (RTG) и во директен пренос го прочитале прогласот за државниот удар во земјата.
Думбуја соопштил дека го презеле раководењето со земјата поради лошата состојба во Гвинеја и дека го формирале Комитетот за национално единство и развој.
Истакнувајќи дека Владата, Уставот и јавните институции се укинати, Думбуја соопшти дека воздушните и копнените граници се затворени.
- Лицето кое стои зад државниот удар во Гвинеја е поранешен припадник на Француската легија на странци
Познато е дека Владата на Конде веќе извесно време има несогласувања со полковникот Думбуја околу структурата на Единиците на специјалните сили.
Откако извесно време служеше во Француската легија на странци, Думбуја беше назначен за шеф на Единиците на специјалните сили, формирани од Конде во 2018 година.
Обид за државен удар врз претседателот Алфа Конде беше извршен и на 19 јули 2011 година, а неговата резиденција беше нападната со ракети.
На претседателските избори што се одржаа на 18 октомври 2020 година, Конде по трет пат беше избран за претседател на Гвинеја со освоени 59,49 проценти од гласовите.
- Дебати околу номинацијата за трет мандат
Конде го доби својот прв претседателски петгодишен мандат во декември 2010 година, со првата демократска промена на власта во Гвинеја од нејзиното стекнување на независноста во 1958 година. Тој беше реизбран за претседател во 2015 година.
Во земјата каде што претседателот може да има најмногу 2 последователни мандати, вториот мандат на Конде завршуваше во декември 2020 година. На 22 март 2020 година се одржа референдум за уставни измени, со цел да му се овозможи на Конде да добие трет мандат.
Кандидатурата на 83-годишниот Конде за трет мандат стана најдебатирана точка на дневниот ред во земјата.