Burak Bir, Zehra Nur Düz
06 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
КИГАЛИ/РУАНДА/ПАРИЗ (АА)
Гвинејскиот претседател Алфа Конде вчера е приведен од страна на војниците предводени од армискиот полковник, кои го објавија потегот на државната телевизија, известува Агенција Анадолија.
Во обраќањето до нацијата преку јавниот радиодифузер РТГ, полковникот Мамади Думбуја рече дека претседателот Конде е безбеден и е во притвор.
„Ги презедовме сите мерки за да обезбедиме дека тој има пристап до здравствена нега и е во контакт со лекари. Сè ќе биде добро“, се вели во изјавата што му се припишува на Думбуја.
Ветувајќи дека ќе ја врати демократијата во западноафриканската нација, Думбуја рече дека Националниот комитет за собир и развој, името што си го дадоа војниците, ќе ги распушти Уставот и Владата на земјата, а истовремено ќе ги затвори копнените и воздушните граници на една недела.
Обвиткан со знамето на Гвинеја, полковникот го следеа уште десетина војници во униформа, нагласувајќи дека „должноста на војникот е да ја спаси земјата“.
Тој го обвини Конде за персонализирање на политиката и дека не сторил доволно за да ги подобри економските и социјалните услови на луѓето.
„Повеќе нема да му ја доверуваме политиката на еден човек. Ќе ја довериме на народот“, рече тој, тврдејќи дека „дејствува во најдобар интерес на нацијата“.
Снимките од приведувањето на Конде од страна на специјалните сили се раширија претходно истиот ден на социјалните мрежи.
Осумдесет и тригодишниот Конде беше повторно избран за трет мандат во октомври 2020 година во избори што беа нарушени со насилство.
Тој првпат дојде на власт во 2010 година на гласање што се смета за први демократски избори откако поранешната француска колонија се стекна со независност.
Неговото притворање беше објавено во локалните медиуми неколку часа откако вчера изутрина се слушна силен истрел во главниот град Конакри околу Претседателската палата.
Во извештајот се наведува и дека се гледа како војниците возат низ главниот град во близина на Претседателската палата и ги повикуваат жителите да останат дома.
Подоцна, Думбуја, исто така, ги замени сите регионални гувернери со воени команданти.
Во изјавата што му се припишува на Думбуја, исто така, се вели дека локалните службеници биле сменети од Армијата, додека генералните секретари на министерските оддели сега се одговорни за секојдневните работи.
„Министрите во заминување се поканети на состанок во понеделник, 6 септември, во 11 часот во народната палата. Секое одбивање за излегување на состанокот ќе се смета за бунт“, се вели во соопштението.
Одлуките беа обелоденети неколку часа откако Војската објави преземање на Владата во оваа западноафриканска земја, со што практично се распушти Националното собрание и Уставот.
За да се обезбеди континуитет, Војската исто така ги повика Гвинејците да се пријават на работа во понеделник, истакнувајќи дека ќе се преземат сите аранжмани за да се обезбеди сигурност на граѓаните и нивниот имот.
Ќе биде воспоставен полициски час во текот на ноќта до ноември.
Воен извор за локалните медиуми изјави дека единствениот мост што го поврзува копното со населбата Калум, во која се сместени повеќето министерства и Претседателската палата, бил затворен од силно вооружени војници.
Пристапот до поголемата област Конакри остана блокиран од војници од Која, град лоциран на 50 километри (31 милја) од главниот град.