Ekipa
04 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот премиер Мухамед Иштије ја повика американската администрација да ја тргне Палестинската ослободителна организација (ПЛО) од листата терористички организации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тоа е побарано на состанокот помеѓу Иштије и делегација од Комисијата за надворешни работи при Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД), која ја претставува Демократската партија во градот Рамала на Западниот Брег, соопшти палестинскиот Кабинет.
За време на состанокот, Иштије ја повикал администрацијата на Џо Бајден да го забрза повторното отворање на американскиот Конзулат во Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Во 2018 година, администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп го затвори Конзулатот во Источен Ерусалим откако го призна Ерусалим за главен град на Израел.
Во 1987 година, американскиот Конгрес го усвои антитерористичкиот акт, кој, меѓу другото, ја прогласи Палестинската ослободителна организација (ПЛО) за терористичка организација и забрани отворање канцеларии на ПЛО на американско тло.
И покрај забраната, Конгресот му дозволи на претседателот да издаде указ по лична согласност, отворајќи го патот за ПЛО да отвори претставништво во Вашингтон во 1994 година.