Merve Yıldızalp
15 Февруари 2018•Ажурирај: 16 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Заменик-премиерот и портпаролот на турската влада, Бекир Боздаг, изјави дека ПЈД/ЈПГ е терористичка организација основана од ПКК и дека сега заеднички водат терористичка кампања против Турција, порача дека тоа е вистина без оглед дали како таква ја прифаќаат и Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за турската телевизија „Kanal 24“ (Канал 24) Боздаг нагласи дека ПЈД/ЈПГ не може да се одвојува од терористичката организација ПКК, од која е основана, и која и понатаму раководи со таа група во Сирија.
Потсетувајќи дека американскиот министер за одбрана, Џим Матис, синоќа на состанокот со својот турски колега, Нуретин Џаникли, изјави дека Турција не треба да се грижи бидејќи САД во случај на потреба ЈПГ ќе го воведат во војна против ПКК, Боздаг изјави дека и тоа е доказ оти властите на САД воопшто не ја разбираат Турција.
„Матис изјави дека по потреба ќе ги свртат ЈПГ против ПКК. Зарем е тоа можно, бидејќи тоа би било како некој да се удира по сопствената глава“, изјави Боздаг и додаде дека САД од поразличен аспект ги набљудуваат релациите меѓу ПКК, ЈПГ и ПЈД.
Тој нагласи дека ставот на Турција е јасен, дека ПЈД и ЈПГ се сириски органок на ПКК, и дека заеднички водат терористичка кампања против Турција.
„Раководството на САД треба да престане целиот свет да го смета за слеп и глуп“, порача Боздаг и додаде дека Турција ќе ја продолжи борбата против тероризмот сè до конечна победа.
Вечерва, во официјална посета на Анкара ќе допатува и американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, а Боздаг ги повика американските власти да не се обидуваат да ја уверуваат Турција во нешто што е далеку од вистината.
„Нема потреба некој да нè уверува во нешто што знаеме. Сонцето е сонце и нема корист да му даваме друго име. Тоа е потполно јасно и треба да нè разберат“, изјави Боздаг.