Tuğçenur Yılmaz
01 Септември 2018•Ажурирај: 02 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција реагираше на одлуката на САД за потполно запирање на помошта за Агенцијата на Обединетите нации (ОН) за помош на палестинските бегалци. Од турското МНР наведуваат дека ваквата одлука ќе нанесе штета на визијата за дводржавно решение за палестинското прашање, а исто така и на регионалниот мир и стабилноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт, изјави дека Вашингтон повеќе нема да праќа финансиски средства наменети за Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA).
„Основниот работен модел и фискални пракси кои со години ја обележуваа работата на Агенцијата се едноставно неодржливи, и веќе долга низа години се во кризна состојба“, изјави Нојерт.
Од турското Министерство нагласија дека ваквата одлука на САД негативно влијае на животите на повеќе од 5 милиони Палестинци.
„Оваа одлука истовремено ќе нанесе штета на визијата за пронаоѓање дводржавно решение за палестинското прашање, но исто така и на регионалниот мир и стабилност“, се наведува во соопштението, и нагласено е дека Турција, како земја која претседава со Советодавната комисија на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, ќе продолжи одлучно да пружа секаков вид поддршка на оваа Агенција.
САД досега беа најголем донатор на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, пружајќи 350 милиони долари годишно, или околу четвртина од буџетот на оваа Агенција на ОН.
Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци претходно оваа недела предупреди дека веројатно ќе се соочи со уште поголема нестабилност, доколку Вашингтон одлучи да ја запре помошта за Агенцијата.