Andelija Stojkovic
04 Септември 2021•Ажурирај: 06 Септември 2021
БЕЛГРАД (АА) - Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска изјави дека е убеден дека луѓето што го напуштаат Авганистан треба да бидат згрижени во соседните земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој на прес-конференцијата по состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека не смее да дојде до тоа луѓето од Авганистан да се упатат кон Европа и дека поради тоа заштитата на границите е клучна со цел да се спречи илегалната миграција и да се продолжи борбата против трговијата со луѓе.
Како што рече, мигрантските бранови на надворешните граници на ЕУ се спречуваат подобро отколку порано, и додаде дека во криза очекува и земјите од Западен Балкан да дадат свој придонес.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакна дека крајната дестинација за луѓето што го напуштаат Авганистан се Западна Европа или САД и дека тие не сакаат да се задржат на Западен Балкан, дека Србија немала барања ниту прилив на мигранти.
„Србија ќе покаже солидарност, но ние сигурно нема да бидеме никаков паркинг за бегалци. Србија или некоја друга земја од Западен Балкан да биде паркинг за бегалци од Авганистан, тоа нема да се случи. А што е до 100, 200, 500 луѓе, тоа се ништо, тука треба да покажеме солидарност, особено кога станува збор за жените“, порача Вучиќ.
Пред почетокот на прес-конференцијата, Вучиќ му го додели на австрискиот канцелар Орденот на Србија за посебни заслуги во зацврстувањето на односите меѓу Србија и Австрија и ја истакна поддршката на Австрија на европскиот пат на Србија, како и поддршката на земјата за Србија во пандемијата и мигрантската криза и улогата на Себастијан Курц во тоа.
Вучиќ додаде дека Австрија е еден од најголемите инвеститори во Србија и дека за 10 години економската соработка е двојно зголемена.
Курц од своја страна рече дека Србија е најголемиот партнер на Австрија на Западен Балкан, дека трговската размена е повеќе од една милијарда евра и го пофали економскиот раст на Србија, што годинава ќе биде меѓу шест и седум отсто, и додаде дека Србија на Австрија ѝ беше поддршка во текот на мигрантската криза и дала голем придонес.
Тој истакна дека Австрија во Европската Унија континуирано ќе се залага за процесот на проширување и европската перспектива за Србија и Западен Балкан.
Запрашан за скептичните изјави во поглед на проширувањето на ЕУ во Блед, Вучиќ рече дека има неколку земји во ЕУ кои не сакаат проширување и наведе дека поради тоа проблеми имаат и Северна Македонија и Албанија и Србија.
„Ако се ставите во чевлите на сите нас, гледате дека сликата не е розова. Ние сме на европскиот пат и ќе се бориме за тоа“, рече Вучиќ и додаде дека Србија мора да мисли на својот економски напредок.
Запрашан за тоа како Австрија ќе го поддржи европскиот пат на Србија, Курц рече дека смета дека е важно ЕУ да биде предвидлива.
„Мислам дека е важно да постои признание за енормниот напредок што се случи овде, како што е прашањето за економскиот раст и управувањето за време на пандемијата. Се надеваме дека ќе ги отвориме поглавјата“, порача Курц.
Запрашан за иницијативата на чешкиот премиер поради бегалската криза Србија да биде дел од шенген-зоната, Курц рече дека за тоа сè уште не разговарале.