Admir Fazlagic
01 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Хојт Брајан Ји, заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот, на средбата се разговарало за новонастанатата политичка состојба и за можностите за нејзино надминување во согласност со Уставот и со законите на Република Македонија.
„Македонскиот претседател го осудува секое политичко и физичко насилство во Република Македонија и истакна дека единствено преку дијалог мора да се бараат решенија“.
Претседателот Иванов подвлекол дека доколку постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување на мандат за состав на Влада се надминливи.
„Македонскиот претседател побара од САД, како стратешки партнери на Република Македонија, да помогнат пречките да се отстранат и да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот“, стои во соопштението.
Преседаните со кои се воведува практиката нелегалното да станува легално, ги поткопува основните демократски принципи, рече претседателот Иванов, информираат од неговиот кабинет.
„Претседателот Иванов бара од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека 'заедно со коалиционите партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија'“.
„Платформата од Тирана не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање Влада во Република Македонија“, констатирал македонскиот претседател.
Претседателот Иванов повика граѓаните да останат воздржани и трпеливи, затоа што постојат решенија кои треба да се донесат со разум и преку дијалог, се наведува во соопштението.
Хојт Ји претстојува во дводневна официјална посета на Македонија, во текот на која остварува средби со лидерите на политичките парламентарни партии и со претставниците на државниот врв.