Admir Fazlagic
19 Февруари 2017•Ажурирај: 20 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Пратеникот на Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ), Мухамед Зекири денеска одржа прес конференција на која што соопшти дека синоќа бил нападнат во едно скопско кафуле во центарот на градот, пренесува Anadolu Agency (AA).
На прес-конфенцијата, пратеникот Зекири рече дека сака да порача, и како пратеник и како граѓанин дека завршило времето на насилството и дека секој кој тоа го правел ќе одговара.
„Институциите се должни да ги штитат граѓаните, а не лични и партиски интереси на поединци", истакна Зекири додавајќи дека вчеравечер вербално и физички бил нападнат во кафуле во центарот на Скопје.
Објаснувајќи го настанот, пратеникот Зекири рече дека во кафулето во коe отишол со своите приатели претходно имал резервација, но и покрај тоа, како што истакна, десетина лица дошле до масата и побарале од него да го напушти местото, бидејќи, бил „непожелен" и таму ималo приватна забава.
„Никој никому нема право да му го попречува седењето,а посебно не кога веќе имавме резервација и не се работеше за никаква приватна забава. Откако им објаснив дека имаме уредно резервирано маса еден од нив познат на полицијата а и нам ја преврте масата и групата почна да не турка на сила кон излезот. Додека траеше турканицата надвор од објектот еден од нив извади полициска легитимација и побара да се идентификувам. Додека ја вадев личната карта да му ја покажам друго лице отпозади ме нападна физички во пределот на главата. Случајот го пријавив во полиција", изјави Зекири.
Меѓу другото, тој рече дека објектот во кој се случил немилиот настан е под видео надзор и сето она што го зборува полицијата лесно може да го утврди.
Пратеникот Зекири побара од Министерството за внатрешни работи веднаш да отвори истрага и да го расветли случајот.