ПОДГОРИЦА (АА) - Адел Омерагиќ -
Градовите во северниот дел на Црна Гора секој ден се сè попразни, а трендот на иселување на населението од 12 општини сместени во северниот регион е продолжен и во 2016 година. Иако нема прецизни податоци колку точно луѓе се отселиле од северниот дел на државата, прелиминарните извештаи укажуваат дека годишно се иселуваат по неколку илјади жители, пишува Anadolu Agency (AA).
Тешката економска состојба, изразената невработеност, отсуството на големи инвестиции, се само некои од причините кои влијаат на граѓаните од северниот дел секојдневно да ги напуштаат своите домови и ново засолниште да бараат во Подгорица, во приморските општини, а бројот на оние кои заминуваат надвор од границите на Црна Гора е исто така голем.
Најмногу се заминува од Бијело Поле, Плевља , Беране но и од Плав и Гусиње. Според податоците на организациите кои ги евиденираат заминувањата на граѓаните врз основа на промена на живеалиштето, минатата година северниот дел на Црна Гора останал без 1.087 жители, врз основа на внатрешните миграции.
Најголем број на граѓани заминуваат во главниот град на Црна Гора-Подгорица. Во овој град, кој е административен центар на Црна Гора во 2016 година се доселиле 1.854 жители, додека во исто време се иселиле 864. Освен Подгорица, граѓаните од северниот дел заминуваат и во приморските општини Тиват, Будва и Бар.
Во Црна Гора според последните податоци има над 50.000 невработени, од кои голем број се во северниот дел на земјата. Исто така според истражувањата, најмногу сиромашни лица во државата живеат токму во овој регион.
- Граѓаните на Гусиње и Плав заминуваат во Америка -
Гусиње и Плав се општини кои заедно бројат околу 10.000 жители. Некогаш од овие градови се заминуваше поради страв од војна, а денес луѓето заминуваат поради неможноста за вработување. Граѓаните на овие општини заминуваат кон Подгорица и кон јужниот дел на Црна Гора, но и кон Америка, каде што живее бројна дијаспора што потекнува токму од Плав и Гусиње. Само во последните три месеци над стотина млади заминаа во Америка.
Дека состојбата е сериозна во разговор за АА потврдува и Орхан Шахмановиќ, претседателот на општината Плав. Тој истакна дека Заводот за статистика на Црна Гора ги регистрира само миграциите во државата, но дека вистинската бројка на оние кои заминуваат е многу поголема.
„Главна причина за иселување од Плав е немањето преспектива и неможноста за вработување. Она што е најлошо е што локалните управи се обидуваат да се блокираат од формирање нови работни места за да ги задржиме младите во Плав. Повторува, основен проблем е неразвиеноста и незаинтересираноста на државата и од сите оние кои треба да помогнат за развој на Плав. Не гледам никакви проекти од страна на Влдата, како да не е заинтересирана тие луѓе да останат во своите живеалишта. Нема никакви наговестувања дека Владата ќе отвори нови работни места, а сè што се работи, работи локалната самоуправа која наидува на големи бариери од страна на извршните власти на централно ниво”, истакна Шахмановиќ.
- Азил во Германија минатата година побарале 1.630 граѓани -
Населението од северниот дел на земјата, освен што оди кон Подгорица и кон јужниот дел, претходните години заминувало масовно и во Германија. Тоа го потврдува и Алмер Мекиќ од невладината организација Евромост, која ги следи миграциите на граѓаните од северниот дел на земјата.
„Според податоците кои ги добивме од Федералната канцеларија за миграции и бегалци за 2016 година, 1.630 граѓани поднеле барање за азил во Германија, и покрај тоа што Црна Гора е прогласена за безбедна држава за живот. Исто така, 1.865 граѓани на Црна Гора кои во 2015 година поднесоа барање за азил од декември доброволно се вратија, додека Германија депортираше 142 граѓани. За 352 граѓани барањата се во тек. Овие податоци зборуваат дека се зголемени барањата за издавање на визи. Во Германија има голем број црногорски граѓани кои не се евидентирани никаде дека престојуваат и дека работат таму. Според нашите информации, во март очекуваме големо заминување на граѓаните од север во Германија, бидејќи тогаш почнува сезоната на градежни работи”, вели Мекиќ.
- Повеќе куќи отколку жители -
Црвениот аларм кога е во прашање северниот дел на државата е уклучен одамна. Затворени фабрики, работници кои со години се без работа, недостаток на високообразовни установи, доведоа до тоа многумина да размислуваат каде и како да заминат.
Дека на северниот дел на Црна Гора му се заканува судбината како и на црногорското село, кое денес е празно, предупредува и социологот Срѓан Вукадиновиќ. Тој верува дека кон овој проблем не се пристапува на правилен начин.
„Во одредени градови ќе имаме повеќе затворени куќи отколку население. Младите луѓе заминуваат бидејќи не гледаат перспектива. За да останат, мора да се изградат училишта, а не да се укинуваат, како што тоа е случај во Плевља, каде што е затворен Машинскиот факултет. Ако младите дојдат да студираат во Подгорица, нив никој повеќе нема да може да ги врати во северниот дел на државата“, вели социологот Вукадиновиќ.
Според податоците на Американскиот демографски институт, во 2050 година Црна Гора ќе има за 10 до 11 отсто помал број жители. Тоа значи дека Црна Гора тогаш ќе има 60.000 жители помалку.
news_share_descriptionsubscription_contact
