Сиријки го чуваат културното наследство низ уметноста на мозаикот
- Спојувајќи ја традиционалната уметност на мозаикот со други занаети, како што се рачно ткаени теписи и обработка на метал и бакар, тимот го поврзува културното наследство со модерни дизајни
Ömer Koparan
04 Јуни 2026•Ажурирано: 04 Јуни 2026
photo: Bakr Al Kasem / AA
АЛЕПО
Четириесет и двегодишната уметница Есма Махбак, која живее во сирискиот град Алепо, со својот тим „Армаан“ истовремено ја негува традицијата на мозаикот и ги вклучува младите жени во работната сила овозможувајќи им да стекнат професија, пишува Анадолу.
Махбак и нејзиниот тим, наместо увезени материјали, користат исклучително природни камења извадени од различни региони на Сирија за да изработат мозаични панели, огледала, ламби, послужавници, кутии и декоративни производи.
Спојувајќи ја традиционалната уметност на мозаикот со други занаети, како што се рачно ткаени теписи и обработка на метал и бакар, тимот го поврзува културното наследство со модерни дизајни.
Изработените дизајни се изложени во историската градба позната како Светилникот на Алепо, која во османлискиот период се користела како палата на валијата Ибрахим-паша Курт Агаси.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
Ова историско место наедно се истакнува како важен културен центар каде што младите и посетителите се запознаваат со традиционалните занаети.
– „Цел ни беше уметноста на мозаикот да ја претвориме во дел од секојдневниот живот“ –
Махбак објаснува дека ѝ се посветила на уметноста на мозаикот во 2018 година, а идејата за вклучување на младите девојки во процесот на изработка се родила додека држела обуки за жени.
Раскажувајќи ја приказната за основањето на тимот „Армаан“, Махбак изјави дека сфатиле колку е тешко големите мозаични слики да стигнат до пошироката јавност и додаде:
„Поради ова, имавме цел уметноста на мозаикот да ја претвориме во дел од секојдневниот живот. Со изработувањето на производи со културни и историски мотиви, сакавме да го заштитиме нашето наследство, а наедно и да го приближиме до новите генерации“, вели таа.
„Сакаме на подароците да им дадеме приказна. Со цел уметноста на мозаикот да стигне до секој дом, изработуваме абажури, послужавници, огледала, кутии и подлошки за чаши“, раскажува Махбак.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
Наведувајќи дека се обидуваат да ја спојат уметноста на мозаикот со други традиционални занаети, Махбак рече дека моментно работат на нови проекти во кои мозаичните елементи се комбинираат со рачно ткаени теписи и со обработка на метал и бакар.
Истакнувајќи дека ова заедништво создава солидарност меѓу традиционалните професии, Махбак рече: „Се надевам дека секој што ги сака својата култура и наследство ќе ги заштити овие вредности и ќе ги претстави пред светот.“
Махбак нагласи дека зголемениот избор на материјали им овозможува да изработуваат портрети и модерни декоративни производи, додавајќи:
„Спојувајќи го традиционалното со модерното, успеавме да го внесеме мозаикот во сечиј дом.“
– „Секој камен нè поврзува меѓусебно“ –
Истакнувајќи дека уметноста на мозаикот не се состои само од редење камења еден до друг, Махбак вели дека камењата што доаѓаат од различни градови и региони се здружуваат и формираат заедничка културна врска.
„Овие камења нè поврзуваат. Ги симболизираат заедничкиот живот, заштитата на нашите вредности и меѓусебната љубов. За нас е многу драгоцено да изработуваме уметнички дела со висока вредност од камењата на нашата сопствена земја“, вели Махбак.
– „Мозаикот не е само уметност, туку приказна“ –
Лејла Мурад, која учествувајќи во програмите за обука на тимот „Армаан“ ја научила уметноста на мозаикот, раскажа дека со овој занает се запознала благодарение на саемите.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
Мурад, велејќи дека започнала да посетува курсеви бидејќи била љубопитна за тоа што е мозаикот и како се изработува, истакна: „Многу ме усреќи тоа што ги научив суптилностите на оваа уметност и што ја истражив подлабоко.“
Наведувајќи дека уметноста на мозаикот е важно културно наследство што мора да се заштити, Мурад изјави дека пренесувањето на традиционалните занаети на идните генерации е од големо значење.
„За мене мозаикот не е само уметност, туку и приказна, приказна за нашата земја и нашиот народ. Секој камен во овие дела раскажува за дел од животот што го живееме“, вели Мурад.
Истакнувајќи дека секој камен претставува по еден спомен и доживеано искуство, Мурад вели:
„Секој камен и секое место на кое работиме нè потсетува на нашето детство и на убавите спомени. Поради тоа, не смееме да дозволиме овој занает да биде заборавен, туку мора да продолжиме да им го пренесуваме на идните генерации.“