Berk Kutay Gökmen
04 Јуни 2026•Ажурирано: 04 Јуни 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп денес го критикуваше, како што го нарече, „непатриотското“ гласање за прекин на американската воена акција во Иран, пренесува Анадолу.
„Вчера, со едно бесмислено гласање, Претставничкиот дом – во кој беа четворица лоши републиканци и сите ’думократи' (навреда што Доналд Трамп често ја користи за демократите на социјалните мрежи) – изгласа ограничување на моите воени овластувања. И тоа се случи токму среде моите финални преговори за ставање крај на војната со Исламската Република Иран“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Претставничкиот дом на САД вчера одобри резолуција за воени овластувања со која се бара повлекување на американските вооружени сили од конфликтот со Иран.
Долниот дом ја усвои резолуцијата со 215 гласа „за“ и 208 „против“, откако четворица републиканци застанаа на страната на демократите, што претставува ретка критика насочена кон Трамп.
„Кој би направил такво непатриотско нешто. Тие знаат до каде се преговорите. Демократите се водени од ’синдромот на лудило од Трамп‘ . Тие попрво би сакале нашата земја да доживее неуспех отколку да ми дадат уште една, од многуте, победи“, додаде Трамп.
„Четворицата републиканци, тоа е сосема друга приказна – тие глумат за јавноста! Треба да се срамат од себе.“
Демократите во повеќе наврати иницираа гласања и во Претставничкиот дом и во Сенатот за да ги ограничат воените овластувања на Трамп, а тие напори во последните недели постепено добиваа сè поголема поддршка од републиканците.
По гласањето, мерката сега се праќа на разгледување во Сенатот. Меѓутоа, дури и да помине во двата дома, прашањето дали Конгресот може да го принуди претседателот да ги повлече силите според Резолуцијата за воени овластувања од 1973 година останува правно оспорувано.
Според Уставот на САД, Конгресот ја има единствената моќ да објави војна. Официјалните претставници на администрацијата на Трамп беа колебливи околу тоа дали конкретниот конфликт – кој моментно е во фаза на прекин на огнот, со повремени напади – официјално е војна или не.
Според Резолуцијата за воени овластувања, на претседателот му е забрането да ги задржува американските војници во активни напади повеќе од 60 дена без одобрение од Конгресот.
Администрацијата тврдеше дека почетокот на прекинот на огнот на 8 април го запрел часовникот за исполнување на нејзината 60-дневна законска обврска, иако критичарите на Трамп не се согласија со тоа.