Admir Fazlagic
03 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија соопшти дека „новоизбраниот претседател на Собранието Талат Џафери, денеска својот работен ден го започна во претседателскиот кабинет“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Toj заедно со членовите на својот кабинет и со собраниските служби работи на сите оние формално-административни работи, кои мора да бидат направени за нормано функционирање и вршење на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија. Инаку самиот чин на примопредавање беше извршен најнормално како што доликува на принципите на парламентаризмот", се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија.
Средба Џафери - Жбогар во Собранието на Република Македонија
Собраниската прес-служба соопшти дека „претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, предпладнето, во својот кабинет, го прими aмбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар“. Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот на Собранието, евроамбасадорот Жбогар му го честитал изборот на Цафери, за функцијата претседател на Собрание на Република Македонија.
„На средбата, амбасадорот Жбогар уште еднаш му го честита изборот на Талат Џафери, истакнувајќи дека со ова Собаранието и Република Македонија продолжуваат со процесот на целосна интеграција во евроатлантските структури", се наведува во соопштението.
Џафери истакнал дека тој со преземањето на функцијата, пред сè, ќе работи на јакнење на демократските процеси и целосно остварување на принципите на парламентарната демократија во функционирањето на Собранието како законодавен дом.
„Очекувам брзо формирање на новата Влада и потоа сите заедно почитувајќи ја, пред сè, самостојноста на сите гранки на власта да работиме за добробит на сите граѓани на Република Македонија, како и за остварување на нашите стратешки определби, а тие се членство во НАТО и во ЕУ", истакнал Џафери.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, од страна на парламентарното мнозинство предводено од Социјалдемократскиот сојуз, во хаотична ситуација, демонстрантите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.