Adel Ömeragiç
03 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Црна Гора ја докажа посветеноста кон вредностите на НАТО - слободата, демократијата, владеењето на правото и човековите права, оценето е на годишната Конференција за интеграција (Anual Integration Conference - AIC), која е дел од билатералните активности на НАТО и Црна Гора во текот на процесот на интеграција во Алијансата, што денес се одржа во Подгорица, јавува Anadolu Agency (AA).
Началникот на Генералштабот на војската на Црна Гора, Љубиша Јокиќ, им се заблагодари на сите членови на работната група на НАТО за пристап и интеграција, за нивната безусловна поддршка, конструктивните предлози и досегашната помош. Тој изрази благодарност и за испраќањето експертски тимови за истражување затоа што, како што рече, добиените информации, советите и помошта се непроценливи за неговиот штаб.
„Создавањето на националниот план за интеграција, планот за поддршка на НАТО и Годишниот план за 2016/2017 година, како и напорната работа на AIWG нè доведоа до крајот на првата фаза - влезот на Црна Гора во НАТО, токму во моментот кога процесот за ратификација ќе биде готов“, соопшти Јокиќ.
Тој додаде дека Црна Гора е вклучена во НАТО процесот на одбранбено планирање и го добила првиот пакет на целните способности.
„Заедно со сојузниците и НАТО штабовите поминавме долг пат и постигнавме многу“, оцени Јокиќ.
Според него, тие се свесни дека ова е само еден чекор во целиот процес, и дека има уште многу нешта што треба да се направат.
Помошник-началникот на штабот на НАТО Командата за трансформација од Норфолк, САД, Ралф Рифман, порача дека Црна Гора ја докажала својата посветеност кон вредностите на НАТО - слободата, демократијата, владеењето на правото и на човековите права.
Тој наведе дека Војската на Црна Гора (VCG) во изминатите неколку години се посветила на исполнување на целите за пристапување кон Алијансата.
„Црна Гора ја презеде сопственоста на одговорноста за идното членство во НАТО, и стави поголем акцент на развојот на интероперабилноста со сојузниците на НАТО“, рече Рифман на отворањето на конференцијата.
Тој додаде дека: „Неопходните правни реформи, вклучувајќи ги и одредбите од договорот за да им овозможи распоредување на војниците на НАТО во Црна Гора и на црногорските трупи во поддршка на НАТО се имплементирани“.