Ivana Ramadanova
17 Март 2016•Ажурирај: 18 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи, Никола Поповски, денес оствари средба со министерот за Европа во британскиот Форин Офис, Дејвид Лидингтон, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Поповски, колку што Македонија има одговорност да напредува во реформите, толку ЕУ има одговорност да ја врати вербата во фер пристапен процес.
„Наше е да имаме постојан напредок во областите кои се најважни за членство во ЕУ. Никој не може да го сработи тоа за нас. Низ годините научивме дека секое унапредување на стандардите е од корист за македонските граѓани, без разлика што воедно истото не приближува и кон ЕУ. Сега сме максимално посветени на спроведување на изборите и работиме на областите поврзани со пристапните преговори. Останува на земјите членки да ја вратат вербата на македонските граѓани дека може да имаме кредибилен пристапен процес и низ него да ги надминеме сите предизвици кон членството во ЕУ“, рече министерот Попоски.
Соговорниците ја реафирмираа важноста и улогата на Обединетото Кралство како долгогодишен партнер и поддржувач на Македонија во остварувањето на највисоките надворешно-политички приоритети.
Министерот Лидингтон ја истакна важноста преку реформи да се зајакнат аргументите за придвижување на Македонија кон ЕУ, особено во сложените услови со кои се соочува ЕУ. За време на средбата беа разменети мислења и за мигрантската криза, интезивирањето на билатералните односи и можноста за економска соработка.