Ivana Ramadanova
05 Април 2016•Ажурирај: 06 Април 2016
ЛОНДОН (АА) - Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, учествувaше на панел-дискусијата на тема "Дали Европа има потреба од нов пристап кон миграцијата,” што се одржа во Лондон, Велика Британија, во организација на Кралскиот институт за меѓународни односи, „Чатам Хаус“, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството за надворешни работи соопштија дека на настанот се дискутирало за актуелните прашања и предизвици со кои се соочува Европа во светло на мигрантската криза, со осврт врз ангажманот на владите и останатите релевантни чинители во справувањето со истата. Фокусот на дискусиите се однесувал на можните решенија и евентуалниот нов пристап во менаџирањето на хуманитарниот, безбедносниот и останатите аспекти на мигрантската криза.
Министерот Попоски истакна дека и покрај сите предизвици Република Македонија успешно се справува со мигрантската криза.
„Република Македонија има активен придонес кон заедничките напори на ЕУ за редуцирање на нелегалниот наплив на бегалци. Делувавме согласно договореното на ниво на ЕУ и како земја кандидат демонстриравме капацитет на одговорен партнер“, потенцираше министерот Попоски.