Admir Fazlagic
04 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Кабинетот на претседателот на Собранието денеска со соопштение информира дека е испратено писмо до претседателот Ѓорге Иванов дека е формирано парламентарно мнозинство и избран претседател на Собранието на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, денеска со писмо го извести претседателот на државата Ѓорѓе Иванов дека е формирано парламентарно мнозинство и избран претседател на Собрание на Република Македонија", се наведува во соопштението.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, како што се посочува, очекува дека претседателот Иванов ќе постапи според Уставот на Република Македонија.
- Службен весник ќе ја објави одлуката за претседател на Собранието наредната недела
Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ денеска соопшти дека е доставено барање за објавување на Одлуката за избор на Претседател на Собранието, како и дека таа ќе биде објавена во почетокот на наредната недела во првиот број на Службен весник.
„Согласно со позитивните законски прописи во однос на поднесеното барање, Одлуката за избор на Претседател на Собранието на Република Македонија ќе биде објавена во првиот нареден број на Службен весник на Република Македонија во почетокот на наредната недела", стои во соопштението од јавното претпријатие.
Инаку, вчера, кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија соопшти дека „новоизбраниот претседател на Собранието Талат Џафери, својот работен ден го започна во претседателскиот кабинет.“