Abdula Berisha
26 Јануари 2024•Ажурирај: 27 Јануари 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, му го врачи мандатот на Талат Џафери за формирање на техничка влада, пренесува Анадолу.
Во соопштението од Кабинетот на претседателот се вели дека врз основа на член 84 од Уставот, а во согласност со член 43 од Законот за Влада, претседателот му го врачил мандатот на Џафери, довчерашниот претседател на Собранието.
„Врз основа на член 84, алинеа прва од Уставот на Република Северна Македонија, а во согласност со член 43 од Законот за Влада на Република Северна Македонија и предлогот на најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство, за мандатор за состав на преодната Влада за спроведување на избори на пратеници, го определувам господинот Талат Џафери“, изјави претседателот Пендаровски.
Од друга страна, Џафери, кој е првиот мандатар за формирање на влада во Северна Македонија од албанската етничка заедница, истакна дека составот на владата ќе биде врз основа на Уставот и законите.
„Со задоволство и со потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на владата и преговорите за состав на оваа влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба на државата", рече Џафери.
Како што беше најавено, како дел од подготовките за парламентарните избори што се предвидени да се одржат на 8 мај оваа година, вчера Димитар Ковачевски даде оставка од премиерската функција, а потоа Талат Џафери даде оставка од функцијата претседател на Собранието.
Претходно во текот на денот, Јован Митрески положи заклетва и ја презеде функцијата претседател на Собранието на Северна Македонија.
Овие случувања произлегуваат од Пржинскиот договор, постигнат во јуни 2015 година, за да се реши тогашната политичка криза во земјата. Според договорот, редовната Влада поднесува оставка и 100 дена пред денот на изборите се избира техничка влада што треба да ги спроведе изборите.
Одредбите од Пржинскиот договор се дел од Законот за Влада, каде што меѓу другото се предвидени неколку министерски и заменик-министерски функции за опозицијата.
Според договорот меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ, последните 100 дена премиерот треба да биде од редовите на ДУИ. Оваа партија одлучи токму довчерашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да биде предложен за мандатар на техничката влада, кој поради оваа причина требаше да поднесе оставка од функцијата.
Во декември 2023 година политичките лидери во Северна Македонија се согласија за датумите за одржување на претседателските и парламентарните избори.
Првиот круг на претседателските избори е договорено да биде на 24 април 2024 година, а вториот круг на претседателските избори да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај 2024 година.
Според најавеното, се очекува во недела, на 28 јануари, да биде избрана техничката влада.