Furkan Abdula
26 Јануари 2024•Ажурирај: 26 Јануари 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, поднесе оставка од својата функција, пренесува Анадолу.
Информацијата е потврдена преку соопштение објавено од Собранието на Северна Македонија:
„Ве известуваме дека денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, поднесе оставка на функцијата согласно Член 115 од Деловникот за работа на Собранието.“
Според соопштението, Џафери го овластил потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, да претседава со пленарната седница закажана за 26 јануари 2024 година.
Во текот на денот оставка поднесе и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, како дел од подготовките за парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај оваа година.
Вчера, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Џафери, ги најави својата оставка и оставката на премиерот Ковачевски.
Според договорот меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ, последните 100 дена премиерот треба да биде од редовите на ДУИ. Оваа партија одлучи токму сегашниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да биде предложен за мандатар на техничката влада, кој поради оваа причина треба да поднесе оставка од актуелната функција.
Овие случувања произлегуваат од Пржинскиот договор, постигнат во јуни 2015 година, за да се реши тогашната политичка криза во земјата. Според договорот, редовната Влада поднесува оставка и 100 дена пред денот на изборите се избира техничка влада што треба да ги спроведе изборите.
Одредбите од Пржинскиот договор се дел од Законот за Влада, каде што меѓу другото се предвидени неколку министерски и заменик-министерски функции за опозицијата.
Во декември 2023 година политичките лидери во Северна Македонија се согласија за датумите за одржување на претседателските и парламентарните избори.
Првиот круг на претседателските избори е договорено да биде на 24 април 2024 година, а вториот круг на претседателските избори да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај 2024 година.
Според најавеното, се очекува во недела, на 28 јануари, да биде избрана техничката влада.