Furkan Abdula
25 Јануари 2024•Ажурирај: 26 Јануари 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамките на работната посета на Косово денес во Приштина оствари средба со косовскиот премиер Албин Курти, пренесува Анадолу.
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, на средбата било разговарано за севкупната соработка меѓу двете држави.
Се вели дека на средбата било оценето дека двете држави одржуваат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка, со отворен дијалог на сите нивоа и бил изразен интерес за нејзино унапредување во сите сфери од заемен интерес.
„На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните состојби во регионот, вклучително дијалогот Белград – Приштина. Во тој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека во услови на мултиплицирани кризи и безбедносни предизвици на глобално ниво, од голема важност за стабилноста на Западен Балкан е изнаоѓањето решенија за отворените прашања преку дијалог и меѓусебно разбирање“, се наведува во соопштението.
Пендаровски ја реафирмираше поддршката за евроатлантските аспирации на Косово, посочувајќи дека Северна Македонија, како членка на НАТО, ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата и дава активен придонес во поддршката на мирот во Косово преку учеството во мисијата КФОР.
Инаку, во рамките на посетата Пендаровски се сретна и со претседателката на Косово, Вјоса Османи.