Furkan Abdula
24 Февруари 2020•Ажурирај: 25 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, на покана на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, во Солун учествуваше на конференцијата на високо ниво посветена на европската перспектива на Западниот Балкан „Од Солун до Загреб“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија се наведува дека министрите за надворешни работи од регионот на Западен Балкан и од земјите членки на ЕУ, кои граничат со регионот, заеднички се заложиле за „силна, стабилна и обединета Европа во мир преку целосна интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија."
„За да може да се продолжи да се говори за европската перспектива на регионот, неопходно е постигнување на консензус за зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија без одлагање. Март ќе биде тест и за геополитичките амбиции на новата Комисија и на самата ЕУ за кредибилно глобално влијание. Што се однесува до нас, не сме совршени, но сметам дека сите ќе се согласите дека изградивме силно досие и испорачавме. Крајно време е и да се препознае важноста на моментот од страна на Европскиот совет и да се зграпчи шансата за заеднички успех“, истакна Димитров, се вели во соопштението.
Според соопштението, на таа линија биле и дел од заклучоците на конференцијата од која произлезе и заедничка изјава, во која се изразува очекување дека согласно препораките на Европската комисија, ЕУ ќе донесе одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија пред Самитот во Загреб во мај 2020 година.
„На маргините на конференцијата, министерот Димитров оствари билатерална средба со Хелга Шмид, генерална секретарка на Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС), на која разменија мислења околу актуелната атмосфера во рамки на ЕУ-институциите и земјите членки, како и за евентуалните предизвици и изгледите за заслуженото конечно исчекорување напред на Северна Македонија на евроинтегративниот пат. Од страна на генералната секретарка на Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС), Шмид, е искажано признание за крупните чекори и напредокот што земјата го направи, изразувајќи надеж дека овој пат ќе има добри вести за почеток на преговорите“, се додава во соопштението.
Се истакнува дека Димитров остварил куси разговори и со учесниците на конференцијата, меѓу кои и шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас; шефот на хрватската дипломатија, Грлиќ-Радман; шефот на црногорската дипломатија, Срѓан Дармановиќ; шефот на словенечката дипломатија, Миро Церар, како и со Мачеј Поповски, заменик генерален директор за соседска политика и преговори за проширување при ЕК.