Zylfije Adem Jakupi
24 Февруари 2020•Ажурирај: 24 Февруари 2020
ПРИШТИНА (АА) - Опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), како и Алијансата за бизнис на Косово, се заложија за неукинување на таксите од 100 отсто за увоз на производите од Србија и Босна и Херцеговина, бидејќи влијаеле на зголемување на домашното производство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Парламентарната група ААК во просториите на Собранието на Косово организираше тркалезна маса на тема за таксите, а учесници, покрај пратениците и претставниците на ААК, беа и произведувачи, увозници, трговци на големо, претставници на невладиниот сектор и експерти во оваа област.
Пратеникот на ААК, Газменд Абраши, отворајќи го собирот, потсети дека таксите се воведени пред сè поради агресивната политика на официјален Белград против државата Косово.
Тој го истакна и непочитувањето на договорот ЦЕФТА од страна на Србија, пред воведувањето на таксите. Изјави дека ставот на ААК е дека таксите од 100 отсто не треба да се укинуваат и дека реципроцитетот не може да даде попозитивен ефект од таксите, бидејќи со реципроцитетот не може да се спречи политиката на Србија против Косово.
Истражувањата и анализите направени од Стопанската комора на Косово и Алијансата за бизнис на Косово покажуваат дека позитивниот ефект на таксите се одразил на видниот пораст на продажбата на домашни производи, на пораст на производството и на благ пораст во вработувањето, посебно во секторот за производство.
Тој истакна дека Србија, која изгубила речиси 500 милиони евра поради загубата на косовскиот пазар, го прекинала дијалогот со Косово, а таа новонастаната ситуација ги сензибилирала главните меѓународни актери, кои одлучија за постигнување на конечниот договор меѓу Косово и Србија. Како што изјави, ААК смета дека таксите може да се употребат како услов за конечен обврзувачки договор на двете земји.
И Агим Шахини од Алијансата за бизнис на Косово изјави дека новата Влада не би требало да ги укине таксите, бидејќи според неговото мислење тие имаат позитивно влијание на локалната економија. Шахини побара покрај таксите, на Србија да ѝ се воведе и реципроцитет.
Алијансата за бизнис на Косово ги оценува таксите како национална, економска и политичка вредност и дека сето тоа направило земјата сега да има што да понуди за да добие повеќе. Бизнисите во овој период брзо пронашле замена на увозот и на првата суровина и другите производи за потрошувачка. Ефектот на таксата бил дополнително да се зголеми растот на косовската економија за 100 милиони евра и да се подигне свеста на граѓаните за консумирање локални производи.
Шахини истакна дека покрај позитивните, имало и негативни ефекти бидејќи меѓународните официјални претставници истакнале дека процесот на визна либерализација забавил, додека, од друга страна, приспособувањето на границите е стопирано.
Хил Дулај од една фармацевтска компанија рече дека таксата придонела за зголемување на домашното производство и затоа не треба да се укине. Рефки Зогај од агробизнисот, исто така, рече дека данокот има позитивен ефект и дека домашните бизниси пронашле други патишта за увоз на стоки.
Поранешната косовска Влада, предводена од премиерот Рамуш Харадинај, лидерот на Алијансата за иднината на Косово, воведе такси во ноември 2018 година, кои го блокираа дијалогот со Србија. Сите меѓународни сојузници бараат укинување на таксите за враќање на Србија на преговарачката маса. Новата Влада најави укинување на таксите со воведување реципроцитет кон Србија.