Furkan Abdula
24 Февруари 2020•Ажурирај: 24 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, упати сочувство до Турција поради загинатите во турската област Ван, која беше погодена од земјотресот што се случи на турско-иранската граница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Димитров на Твитер објави соопштение на турски јазик во кое упати сочувство до шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, поради жртвите во земјотресот.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија посака турските граѓани што загинаа во овој земјотрес да почиваат во мир.
„На повредените им посакувам брзо заздравување. Сочувство до мојот ценет пријател Мевлут Чавушоглу“, напиша Димитров во неговата порака напишана на турски јазик.
Исто така, министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Глаук Коњуфца, и вршителот на должноста министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, упатија сочувство до Турција поради загинатите во земјотресот во Ван.
Потсетуваме, девет лица загинаа во Ван, откако вчера наутро пограничното подрачје во Турција и Иран го погоди земјотрес со јачина од 5,7 степени по Рихтер. Повредени беа 37 лица меѓу кои девет се во критична состојба. Потврдено дека меѓу загинатите се наоѓаат и три деца.