Besar Ademi
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Националната галерија на Косово од 6 до 25 април ќе го претстави концептуалниот проект насловен „AР 2016“, во Националната галерија на Македонија, каде што ќе бидат изложени неколку дела на петмина косовски автори кои беа финалисти во проектот за 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„AР 2016“ се смета за најдобар проект досега реализиран во Косово, во областа на современата концептуална уметност. Оваа традиционална иницијатива, која датира од 2002 година, има за цел да ги поддржи и да ги поттикне иновативните идеи на младите уметници во нивната работа преку натпревар и изложба.
Претставувањето на проектот во Скопје беше најавено во просториите на Националната галерија на Македонија, каде што ќе бидат изложени делата на авторите од Косово. Изложбата на делата и промовирањето на проектот „AР 2016“ во Скопје се реализира во рамките на меѓудржавната соработка во областа на културата, меѓу македонската и косовската галерија.
Носителот на проектот, истовремено директорка на Националната галерија на Косово, Арта Агани, изјави дека стимулирањето на новите уметници за креација е многу важно, бидејќи, според неа, условите за нивниот развој во овие две соседни земји не се погодни. Таа додаде дека ваквите проекти придонесуваат во искуството на младите уметници за тие да учествуваат на меѓународни натпреварувања и да го развиваат својот профил.
„Соработката меѓу нашите две земји е важна, бидејќи ние сме две географски блиски земји, но и со заедничка историја. Ваквата културна размена му помага на познавањето и запознавањето меѓу нашите две земји“, рече Агани.
Според кураторот на проектот, Мехмет Бехлули, културната размена меѓу двете галерии придонесува за продлабочување на соработката во областа на културата меѓу двете соседни земји.
Инаку, меѓу петтемина финалисти кои ќе ги изложат своите дела во Националната галерија на Македонија, добитник на наградата „Млади уметници“ во проектот за 2016 година е Агрон Блакчори, со инсталацијата „Без наслов“. Со оваа награда, на Блакчори му се дава можност да престојува или да посетува обука во еден од светските центри за едукација и уметнички напредок, со цел да стекне знаења и да напредува според работната линија што следи.