Agim Sulaj
04 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
ПРИШТИНА (АА) - Новиот премиер на Косово, Албин Курти, официјално ја презеде функцијата премиер од досегашниот вицепремиер на Косово, Бехџет Пацоли, во премиерската канцеларија на Владата на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Курти новата функција официјално ја презеде еден ден откако во Парламентот на Косово беше изгласана со мнозинство гласови, при што, исто така, доби глас и од Пацоли.
Поранешниот косовски вицепремиер Пацоли, обраќајќи му се на Курти истакна дека Косово има потреба од искреност и професионалност во власта, додека, рече тој, тие не недостигаат кај Курти, на кого му ја вети својата поддршка таму кајшто е потребно за доброто на земјата.
Откако седна на премиерското столче, Курти нагласи дека остварил телефонски разговор со поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај, кој рекол дека ќе биде отсутен на оваа средба поради тоа што се наоѓа во Соединетите Американски Држави (САД).
По завршувањето на примопредавањето, се одржа и првата свечена седница на Владата, предводена од премиерот Албин Курти.
Новиот косовски премиер во своето обраќање пред новиот Кабинет истакна дека овој Кабинет е на граѓаните и дека тие работат за нив. Курти, исто така рече дека енергијата и ентузијазмот на граѓаните ќе бидат моторот во работата на оваа Влада.
„Првите 100 дена ќе бидат зафатени денови со максимално ангажирање и посветеност. Ги имаме столчињата, но верувам дека повеќе ќе стоиме на нозе поради големиот број на работи што нѐ чекаат. Нашата владина програма е амбиционозна толку колку што се очекувањата на граѓаните. Не се сомневам, ги поседуваме способностите, храброста и вештините кои се барани од нас“, додаде Курти.
Тој истакна дека партиите ќе останат во Парламентот, додека во Владата нема да има партиски разлики, туку ќе се работи како екипа.
„Во оваа Влада нема да има ВВ [Самоопределување], ЛДК [Демократски сојуз]... Ќе бидеме Влада на Република Косово која работи заедно за заедничкото добро. Во оваа насока, мојата врата е отворена секој ден, секој час и секоја минута. За мене, ништо не е поважно од реализирањето на владината програма и спроведувањето на приоритетите на граѓаните“, рече тој.
На крајот на состанокот Курти рече дека од утре веднаш ќе започнат со работа за постигнување на целите за првите 100 дена од владеењето.