Abdula Berisha
05 Ноември 2019•Ажурирај: 06 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - На вториот ден од официјалната посета на новиот претседател на Европскиот парламент (ЕП), Давид Сасоли, на Република Северна Македонија, престојуваше во Собранието каде што одржа говор, јавува Anadolu Agency (AA).
На отворањето на седницата, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека меѓу поканетите во Собранието се претседателот на државата, премиерот, претседателот на Академијата на науките и уметностите, претседателот на Уставниот суд и претставници на други релевантни институции, вклучително и претставници на верските заедници, како и странски дипломати.
За време на обраќањето во Собранието, Сасоли истакна дека во Северна Македонија дошол за да покаже дека го дели разочарувањето што не се одреди датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, нагласувајќи дека не станува збор за историска грешка, туку за историска пауза, бидејќи, според него, од Советот на ЕУ немало дефинитивно и јасно „Не“.
Претседателот на ЕП во својот говор исто така рече дека тешкотиите треба да се гледаат со оптимизам, додавајќи дека забелешките и резервираноста на некои земји членки ќе бидат разгледани.
На заедничката прес-конференција на двајцата претседатели, Џафери рече дека Сасоли се докажал како искрен и посветен пријател на Северна Македонија.
„Писмото што го испративте до Европскиот совет непосредно пред средбата, Резолуцијата донесена минатата недела во Стразбур, иницијативата на италијанскиот премиер Конте и се разбира, претходно 10-те препораки на ЕУ и оптимистичките заклучоци на Советот на ЕУ во 2018 година и 2019 година се јасен показател за силата на нашето убедување дека сме на вистинскиот пат, дека имаме целосна поддршка од нашите граѓани и дека имаме вистински пријатели во ЕП да продолжиме со истиот интензитет и моментум на реформи во нашето општество“, рече Џафери.
Од друга страна, претседателот на ЕП рече дека е изгубена една можност, но дека ќе биде направено сè да се создаде нова можност.
„Не беше кажано јасно „Не“, само одлуката беше одложена. Нашата сила се состои во тоа што сите европски институции, Европскиот парламент, Европската комисија и Европскиот совет, се со исто мислење дека треба да започне пристапниот процес. Практично, само донесувањето на одлуката е одложено и ние сме сигурни дека она што го кажаа одредени држави во забелешките ќе го регулираат во смисла на корекција на одлуката што ќе ја донесеме во иднина“, рече Сасоли.
За време на престојот во Собранието на Северна Македонија, претседателот на ЕП оствари билатерална средба со претседателот Џафери, како и со шефовите на парламентарните групи.
Сасоли денеска се сретна и со претседателот на државата, Стево Пендаровски, а вчера беше примен од премиерот Зоран Заев. Ова е прва официјална посета на новиот претседател на ЕП надвор од Европската Унија.