Fatjon Cuka
07 Април 2022•Ажурирај: 08 Април 2022
ТИРАНА (АА) - Албанија ќе дозволи легална употреба на канабис за медицински цели, потврди денеска албанскиот премиер Еди Рама, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рама на прес-конференцијата зборуваше за резултатите од иницијативата „Национално советување“, на која неколку месеци се бараше од граѓаните да дадат свое мислење за различни теми.
„Ќе продолжиме како што велат граѓаните. Апсолутно ќе го легализираме канабисот за медицинска употреба и ќе отвориме нов фронт за економски и технолошки раст. Немаме дилема околу тоа. Тоа што го кажаа граѓаните, ќе се направи и за тоа нема дискусија“, рече Рама.
Според податоците на албанската Влада, 61 отсто од испитаниците рекле дека треба да им се дозволи да одгледуваат, преработуваат и извезуваат канабис за медицински цели под контрола на државата, додека 29 отсто биле против.
Денес, околу 20 европски земји овозможуваат легална употреба на канабис за медицински цели, а во регионот тоа се Словенија, Хрватска и Северна Македонија.
Рама смета дека иницијативата „Национално советување“ е вонреден процес кој ја интензивирал комуникацијата со граѓаните. Процесот, кој се одвиваше во периодот од јануари до март оваа година, вклучи 563.195 граѓани кои го пополнија прашалникот по пошта, онлајн, како и на штандови поставени во градовите низ Албанија.
Преку иницијативата „Национално советување“, Владата на Албанија имаше за цел да добие мислење од граѓаните за различни прашања поврзани со економијата, надворешната политика, вработувањето, борбата против криминалот и други области.