Malik Hasa,Fatjon Cuka
14 февруари 2016•Ажурирај: 14 февруари 2016
ТИРАНА (АА) - По повод 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу САД и Албанија, американскиот државен секретар Џон Кери денеска пристигна во официјална посета на Тирана, на која ќе се сретне со највисоките албански официјални претставници, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на американската дипломатија, кој престојува во Тирана, во рамките на петдневната посета на Европа, на меѓународниот аеродром „Мајка Тереза” во Ринас со интонирањето на химните, беше пречекан од страна на албанскиот претседател Бујар Нишани, амбасадорот на САД во Тирана, Доналд Лу, како и од бројни претставници.
За време на посетата, која ќе трае три часа, Кери ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, премиерот Еди Рама, со кого ќе одржи прес-конференција и со претседателот на албанската опозиција, Љуљзим Баша.
Како што беше претходно најавено, Кери со албанскиот државен врв ќе разговара за натамошната евроатлантска интеграција на Албанија и интензивирање на билатералните односи со САД.
По повод посетата на американскиот државен секретар, многу од улиците на главниот град на Албанија се украсени со американски и албански знамиња.
Во исто време, голем број полицајци и припадници на безбедносните сили ги обезбедуваат улиците во Тирана, со цел посетата да помине без најмал инцидент.