Admir Fazlagic
16 Јануари 2017•Ажурирај: 17 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Делегација на Турска пошта задолжена за проектот за развој на електронска трговија помеѓу двете поштенски управи денес ја посети АД „Македонска пошта„ – Скопје. Оваа посета следува по потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу генералниот директор на Македонска пошта Фаадис Реџепи и генералниот директор на Пошта Турција Кенан Бозгејик, во Истанбул, месец октомври 2016 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Македонска пошта, целта на Меморандумот е развој на електронската трговија (e – commerce), квалитет на услуга, поштенско – финансиски услуги, размена на информации и формирање на проектни групи помеѓу двете поштенски управи.
Тема на денешниот состанок помеѓу генералниот директор на Македонска пошта, Фаадис Реџепи и претставниците од Турска пошта предводена од директорот на Сектор за меѓународни односи Џандан Шенјуз беше имплементирање на електронската трговија во Македонска пошта, соопштуваат од Македонска пошта.
Претставниците од Турска пошта во текот на денот оствариле неколку работни состаноци со претставници на службите на Македонска пошта и членовите на работната група, формирана во Македонска пошта со цел воведување на електронска трговија.
Генералниот директор на Македонска пошта Фаадис Реџепи истакнал дека Македонска пошта е подготвена за отпочнување со воведување на електронската трговија, која како нова услуга освен за Македонска пошта ќе биде корисна и за корисниците на услугите на Македонска пошта и за граѓаните на Република Македонија.