Sultan Çoğalan
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Шефовите на дипломатиите на Република Турција и на Словенија, Мевлут Чавушоглу и Карл Ерјавец, по состанокот во Анкара најостро го осудија бомбашкиот напад што се случи утринава во Кабул, во кој загинаа најмалку 80, а ранети се повеќе од 300 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Секогаш ќе бидеме со пријателската и братска земја Авганистан. Заедно со Словенија ќе продолжиме да работиме на јакнење на безбедноста и стабилноста на Авганистан“, изјави Чавушоглу по состанокот со вицепремиерот и министерот за надворешни работи на Словенија, Ерјавец.
Укажувајќи на одличните билатерални односи меѓу Турција и Словенија коишто во 2011 година се подигнати на ниво на стратешко партнерство, Чавушоглу изјави дека и понатаму постојат големи потенцијали за унапредување на билатералната соработка и дека тоа била една од темите на денешниот состанок.
„Словенија јасно ја поддржува Турција на патот кон членството во ЕУ. Блиску соработуваме и во процесот на борбата против терористичката организација ФЕТО. Заеднички работиме на многу активности на НАТО и во Косово“, изјави Чавушоглу.
Чавушоглу исто така изјави дека со словенечкиот колега Ерјавец разговарал и за ситуацијата на Западен Балкан која, како што рече, и понатаму е напната.
„На тој регион мораме да посветиме повеќе внимание ние како држава, НАТО, Европскиот совет, Европската Унија и другите организации. Мораме да ги поддржиме чекорите кон јакнење на безбедноста во тој регион, а Турција во тој контекст има важна улога“, порача Чавушоглу.
Чавушоглу истакна дека Турција внимателно ги следи и случувањата во Македонија, ги повика сите релевантни фактори да бидат конструктивни и предупреди дека директното мешање во внатрешните прашања на земјата не може да донесе стабилност.
На прашањето на новинарите да ги коментира односите меѓу Турција и ЕУ, Чавушоглу изјави дека мал број членки на Унијата се против турското членство во таа организација, но дека се многу гласни.
„Некои се сметаат за сопственици на ЕУ и се однесуваат како тоа да е нивна организација. Секако дека тоа не е така и дека одлуките се донесуваат со консензус. Кога е во прашање застојот на преговорите за турското членство во Унијата, една држава е проблем. Австрија остана сама на таа страна, а преостанатите 27 членки се противат на тој застој. Турција сака ЕУ да ѝ се обраќа независно од политичките превирања во таа заедница. Внатрешната политичка рамнотежа на членките на ЕУ моментално е најголем проблем“, изјави Чавушоглу.