Admir Fazlagic
26 Август 2017•Ажурирај: 26 Август 2017
ДРАЧ (АА) - По одржаната прва средба со шефовите на владите на земјите од Западен Балкан, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, истакна дека разговарала со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, на маргините на денешниот состанок и нагласи дека со македонскиот колега имале добро разбирање за соработката помеѓу Србија и Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во Подгорица имаше повеќе разговори со Пленковиќ затоа што тогаш имавме трговски бариери од страна на Хрватска и тоа го решивме бргу по тој состанок, за околу седум дена и со поддршка на регионалната стопанска комора, што е уште еден доказ дека е добро што ја основавме во Трст. Денес, со претседателот на македонска Влада, Заев, разговараме за случувањата овие денови. Имаме добро разбирање за нашата соработка. Јас го поканив да ја посети Србија во ноември. Таа негова посета ќе ја искористиме за договор за заедничка седница на двете влади. Покрај тоа, разговаравме за поддршката на Македонија, за тоа седиштето на транспортната заедница на Југоисточна Европа да биде во Србија и се надевам дека тоа ќе го завршиме“, рече Брнабиќ која во однос на разговорите со премиерот Заев за ставот на Македонија за членството на Косово во УНЕСКО изјави:
„Разговаравме и за тоа и денес сме на иста линија, а тоа е дека на Македонија ѝ е многу важно пријателството со Србија, и дека тоа ќе биде еден сигнал на посилно пријателство и врски со Србија, така што очекувам тоа прашање да не се отвора“, истакна Брнабиќ.
Според нејзините зборови, на денешниот состанок со колегите од регионот, најмногу се разговарало за економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан.
„Најмногу разговаравме за економската соработка и поволната инфраструктура кои се дефинитивно едни од најважните теми за кои треба да разговараме. Како регион имаме голем потенцијал и голем капацитет. Во Трст направивме и Регионална стопанска комора и усвоивме Акционен план. Денеска разговараме за тоа како да го имплементираме за да не остане само на хартија, како што обично се случува во целиот регион“, рече Брнабиќ, оценувајќи ја денешната средба како мошне успешна.
Потсетуваме, на неформалниот состанок кој се одржува во албанскиот град Драч, учествуваат премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, премиерот на Косово, Иса Мустафа, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседателот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина (БиХ), Денис Звиздиќ, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, како и премиерот на Албанија Еди Рама, којшто е домаќин на оваа средба.
Исто така, на неформалната средба присуствува и европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан и Кирил Мулер, заменик-претседател на Светската банка за Европа и централна Азија.
На маргините на состанокот ќе се одржат различни работни сесии, на коишто ќе се дискутира за теми како трговијата, услугите, инвестициите и дигиталната економија.
Меѓудругото, се очекува шефовите на владите на земјите од Западен Балкан да дискутираат и да гарантираат максимално ангажирање на високо ниво, во насока на спроведување на Акцискиот план за регионалната економска зона што беше договорено на Самитот во Трст во Италија.
Според претходно најавеното, досегашните резултати на Берлинскиот процес и идните перспективи за регионалната соработка на Западен Балкан се една од темите за дискусија на денешниот собир.