Zülfiya Yakup
02 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
ПРИШТИНА (АА) – Денес, во рамките на посетата на Приштина, во седиштето на опозициската партија Алијанса за иднината на Косово (АИК), албанскиот премиер Еди Рама разговараше со највисоките официјални претставници на таа партија во врска со задржувањето на нивниот лидер Рамуш Харадинај по потерница од Србија, која го товари за воено злосторство, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот, Рама изјави дека очекува оти набрзо ќе се заврши случајот на Харадинај онака како што заслужуваат правдата и Косово.
„Ова не е крај, туку почеток на заедничката работа на нашата Влада и Владата на Косово, на албанските и на косовските институции, за конечно чистење на листите со потерници издадени за лица од времето што припаѓа на минатото и ни се појавува повремено во оваа форма за да нѐ потсети дека минатото е секогаш закана за нас и дека нѐ обврзува да продолжиме заедно, со мирни и демократски средства да го направиме минатото неповратно“, изјави Рама.
Тој истакна дека со официјалните претставници на ААК разговарал и за општата ситуација и за заедничките предизвици на двете земји.
Потпретседателот на ААК, Ардијан Ѓини истакна дека со посетата, албанскиот премиер им оддаде чест на Рамуш Харадинај, на сите албански патриоти, на граѓаните на Косово и на целата Алијанса.
„Ние заедно бевме свесни за улогата што ја играше премиерот Рама и Република Албанија, не само во оваа фаза, туку во сите фази од развојот на Косово, а особено сакаме јавно да се заблагодариме за неговото ангажирање во ситуацијата што настана по задржувањето на Харадинај во Франција“, изјави Ѓини.
Рамуш Харадинај, поранешен косовски премиер и поранешен командант на Ослободителната војска на Косово, вчера на рочиштето пред францускиот суд доби обвинение за воени злосторства кое го поднесе Србија, а рочиштето за разгледување на барањето за негово испорачување на Србија ќе се одржи на 9 февруари. Харадинај беше задржан од страна на француската полиција на 4. јануари, на аеродромот во Базел, врз основа на српската потерница во која се товари за воени злосторства за време на судирите во Косово.
Притоа, на 12. февруари, тој условно беше ослободен и мораше да остане во Франција до одлуката на судот во врска со барањето на Србија за негово испорачување. Харадинај двапати пред Хашкиот трибунал беше ослободен од обвиненијата за воено злосторство.