Alma Çekovic
02 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
САРАЕВО (AA) - Генералниот секретар на НАТО сојузот, Јенс Столтенберг, во текот на работната посета на Сараево ја коментираше и безбедносната ситуација на Балканот, истакнувајќи дека НАТО во овој регион е веќе две децении за да помогне да се заврши војната и да се сочува мирот, и дека не сака каква било ескалација на судирите во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ќе направиме сѐ за да ги смириме тензиите и да избегнеме какви било ескалации или тензии, тоа е пораката на Сојузот и тоа е пораката што им ја пренесувам на сите во регионот. Најдобар начин за да се избегнат нови конфликти, нови тензии, е да се продолжи со зајакнувањето на безбедносните институции во БиХ, да продолжи спроведувањето на реформите и понатаму да се работи на јакнење на партнерството меѓу НАТО и БиХ. Ние сме тука за да ги смириме тензиите, да се избегне конфликтот“, рече генералниот секретар на НАТО.
На прашањето дали го загрижува руското влијание на Балканот, Столтенберг изјави дека е информиран за „руската интервенција“, и дека тоа е нешто што НАТО го следи одблиску.
„Најдобар начин за да ја зголемите отпорноста на кој било вид надворешно влијание или интервенции е да обезбедите демократските институции во земјите од Западен Балкан да бидат силни, да се борат против корупцијата, да се модернизираат, да ги спроведуваат реформите, да се сигурни институции и да се во можност да ги продолжат демократските процеси“, порача Столтенберг.
Столтенберг потсети дека НАТО веќе две децении помага во гарантирањето на мирот во регионот и исклучително го цени партнерството со БиХ, кое е важно за двете страни.
Генералниот секретар на НАТО се заблагодари за придонесот на БиХ во различни активности на НАТО и во оперативните мисии, особено во Авганистан , како и во меѓународната борба против тероризмот.