Fatjon Cuka
09 Мај 2022•Ажурирај: 10 Мај 2022
ТИРАНА (АА) - Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, реализира посета на Албанија, во чии рамки се состана со неговата колешка, Делина Ибрахимај, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата по средбата, Ибрахимај и Бектеши се фокусираа на прашањата за соработка меѓу двете земји во некои области, ефектите на руско-украинската војна врз економијата, како и на други прашања.
Министерката за финансии и економија на Албанија, Ибрахимај, нагласи дека билатералните односи меѓу Албанија и Северна Македонија се многу добри, а според неа, се зајакнуваат секоја година.
„Фактички, во рамки на иницијативата Отворен Балкан донесовме некои одлуки за олеснување на трговијата, на движењето на луѓето и работата. Планираме да продолжиме со олеснување на сите процедури на начин да му служиме на заедничкиот пазар, да служиме за подобра стабилизација на економиите и економската одржливост“, рече Ибрахимај.
Таа истакна дека одлучиле да ги преземат сите тие чекори за понатаму да ја олеснат интеграцијата во Европската Унија, како во рамки на иницијативата Отворен Балкан, така и во рамки на другите односи.
Ибрахимај нагласи дека утре Северна Македонија ќе преземе важна одлука, што според неа, ќе го отвори патот за извоз на маслото за јадење за Албанија.
Од друга страна, министерот Бектеши рече дека постои раст на трговската соработка меѓу Албанија и Северна Македонија.
„Имавме многу плодна соработка со Република Албанија и во минатото, но сигурно и во овој период на кризата и од енергетски и од економски аспект. Ги споделивме искуствата меѓу двете земји како две соседни земји, со единствена цел што е можно полесно да се соочиме со вакви кризи кои во регионот на Западен Балкан се увезувани поради руската инвазија врз Украина и внатрешните фактори на кризата се минимални или речиси не постојат“, истакна Бектеши.
Тој рече дека Северна Македонија ја поддржува секоја иницијатива што ќе ја олесни трговската размена меѓу двете земји, ќе ја зголеми економската активност меѓу двете земји со единствена цел да се влијае врз економскиот раст, но во исто време и за зголемување на животниот стандард.
Бектеши нагласи дека во наредните денови ќе имаат и други средби меѓу двете земји во рамки на иницијативата Отворен Балкан за теми во врска со привлекувањето инвестиции и промовирањето на туризмот.