Talha Öztürk
20 Јуни 2016•Ажурирај: 20 Јуни 2016
БЕЛГРАД (AA) - Мандатарот за состав на новата Влада на Србија Александар Вучиќ и претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ денес во Суботица ќе потпишат декларација за унапредување на односите и решавање на отворените прашања на Србија и Хрватска, јавува Anadolu Agency (AA).
Спогодбата се состои од шест точки, а првата е заштитата на малцинствата- спрското во Хрватска и хрватското малцинство во Србија.
Во Србија живеат околу 58.000 Хрвати, а само во Војводина во која Вучиќ и Китаровиќ ќе се состанат, живеат околу 47.000 додека во Хрватска живеат 186.600 Срби.
Двете страни со договорот ќе се обврзат дека ќе ја продолжат потрагата за исчезнатите во судирот на просторот на поранешна Југославија и ќе се согласат дека потрагата за исчезнатите е приоритетно и хуманитарно прашање.
Грабар-Китаровиќ претходно оцени дека семејствата на исчезнатите заслужуваат да ја знаат судбината на нивните најблиски, а дека државите можат да го затворат тоа болно прашање и да се свртат кон иднината.
Србија и Хрватска, со договорот кој го потпишуваат денеска, ќе се обврзат да го решат прашањето на граничната линија и да ја забрзаат примената на Спогодбат за прашањата за сукцесија.
Според спогодбата, Србија и Хрватска „активно и континуирано" ќе се борат против тероризмот и ќе работат на решавање на бегалската криза.
Последната точка во спогодбата е договорот за соработка во развојни и прекугранични проекти на Европската унија.
Вучиќ и Грабар Китаровиќ утрово ја посетија родната куќа на српскиот географ, математичар и климатолог Милутин Миланковиќ во Даљ во Хрватска, а во попладневните часови би требало да го посетат Домот за култура „Матија Губец" во Долен Таванкут во близина на Суботица. Губец беше хрватски револуционер, лидер на селската буна во Хрватска и Словенија.
Ова е прва официјална посета на претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ на Србија.