Meltem Bulur
03 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
АНКАРА (AA) - Германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот со премиерот на Турција Бинали Јилдирим во Анкара, изјави дека турските власти направиле значителни напори во врска со договорот за бегалците постигнат минатата година со Европската унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
„Намален е бројот на бегалците и преземени се бројни конкретни чекори во врска со прашањето на нивна интеграција. Од таа причина е потребно ЕУ што поскоро да го обезбеди својот финансиски придонес", рече Меркел на конференцијата за медиумите.
Потсети дека денеска го посети и Парламентот на Турција, нагласувајќи дека имала прилика се увери дека турскиот народ застанал во заштита на демократијата во текот на обидот за државниот удар во таа земја на 15 јули. Рече дека во текот на денешните средби со турскиот претседател разговарала и во врска со тероризмот.
„И на самиот претседател му реков дека тука нема никаков сомнеж кон муслиманите, бидејќи терористите сакаат да го уништат човечкиот живот за да ја срушат демократијата. Ние сме заедно во оваа борба", рече Меркел.
Напомена дека во текот на денешниот состанок со Јилдирим разговараше и за терористичките активности на ПКК, потсетувајќи дека нејзината земја ПКК ја прогласила за терористичка организација.
Осврнувајќи се на прашањата на сириските бегалци во Турција, истакна дека е многу важно договорот за бегалците и понатаму да остане на сила.
„Двете страни треба да продолжат со договорот постигнат на 18. март 2016. година", порача Меркел.
На прашањето на новинарот за можноста за воспоставување на безвизниот режим на Турција со ЕУ, Меркел истакна дека во врска со тоа прашање е постигнат значителен напредок.
„На тој пат постигнавме напредок и презедовме бројни чекори, но постојат уште некои прашања на кои мора да се работи. На пример, се водат интензивни разговори во врска со промена на законот за борбата против тероризмот. Со премиерот Јилдирим се сложив дека е потребно да се продолжат разговорите за ова прашање", рече германската канцеларка.
На новинарско прашање за нејзините очекувања од новиот претседател на САД Доналд Трамп, Меркел рече дека борбата против тероризмот е сигурно еден од приоритетите на американската администрација.
„Јас сметам дека ќе се задржи континуитетот во поглед на соработката. Тероризмот е наш заеднички непријател. Немам никаков сомнеж дека ќе имаме блиска соработка. Секој може да биде мета на терористите, тоа сите јасно го гледаме", рече Меркел.
Инаку, Меркел престојува во посета на Турција каде се состана со сите највисоки државни функционери.