Senada Ibraimova
02 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Министерството за надворешни работи на Руската Федерација во писмено соопштение наведе дека „констатира сериозно продлабочување на политичката криза во Македонија и дека станува очигледно оти вештачки предизвиканите вонредни парламентарни избори што се одржаа на 11 декември 2016, не придонесоа за решавање на ситуацијата“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во реакцијата се наведува дека под псевдодемократски слогани, продолжува длабокото надворешно влијание врз политичките сили во Македонија.
„Целта е очигледна – Западот да расчисти со непожелните македонски политичари, и покрај изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од Никола Груевски и на Демократската унија за интеграција на Али Ахмети“, се вели во соопштението на руското МНР.
Од таму нагласуваат: „Oсобен немир предизвикува фактот што во мултиетничка и мултикултурна Македонија, каде што имаше тежок меѓунационален конфликт, политичарите од една етничка заедница врз основа на надворешно диктирани ултимативни барања фактички решаваат кој од блоковите на другата заедница да влезе во составот на идната владина коалиција“.
Во продолжение на соопштението се наведува: „Бесрамното макијавелистичко манипулирање со волјата на гласачите може да предизвика ескалација на состојбата во Македонија и да ја наруши кревката стабилност во целиот Балкански регион“.
„Убедени сме дека само целосното отфрлање на штетните надворешни влијанија и фокусирањето кон вистинска демократија, како и самостојното решавање на внатрешните проблеми на балканските држави, е основа за зацврстување на довербата меѓу народите кои живеат тука и за формирање регионална клима за безбедност“, велат од руското МНР.