Admir Fazlagic
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по одделните средби со претставниците на политичкте партии со кои разговараше за актуелната политичка ситуација настаната откако ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира нова влада, информираше дека целта на консултациите беше да ги сподели своите видувања, да ги слушне размислувањата и ставовите на соговорниците не само за приоритетите на државните интереси „туку и за излез не само од политичката, туку на она што се повеќе наликува на уставна и институционална криза", јавува Anadolu Agency (AA).
„Мандат за состав на нова влада, ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собраието. Со други зборови, прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составувње на влада во согласност со член 90 од Уставот на Република Македонија", истакна Иванов во своето обраќање по консултациите со политичките претставници.
Претседателот Иванов, го цитираше членот Членот 90 од Уставот на Република Македонија: „Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието“, рече Иванов.
Според него, изборите не довеле до излез од две и пол годишната политичка криза која, како што рече, наместо конечно да почне да се разрешува, влегла во нова фаза.
Меѓу другото, претседателот Иванов истакна дека сите опции остануваат отворени, но дека ќе постапува во интерес на државата и граѓаните.
„Сите опции остануваат отворени. Но што и да се случи Ве уверувам дека ќе постапувам исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија", додаде Иванов.
Од оние што ќе ја составуваат новата влада, македонскиот претседател бара во својата програма да имаат два клучни приоритети.
„Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата по која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија", подвлече Иванов.
Консултациите на претседателот Иванов со парламентарните партии следуваат по состаноците што шефот на државата ги одржа вчера со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, и со амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.
Законски определениот рок за формирање влада истече на 29 јануари, откако претходно Иванов му додели мандат за формирање влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, односно на партијата што на парламентарните избори од 11 декември освои најголем број пратеници.