Besar Ademi
22 Декември 2015•Ажурирај: 23 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, своето годишно обраќање го одржа во полупразна сала на Собранието на Република Македонија. Говорот на македонскиот претседател, по втор пат веќе се бојкотира од страна на владеачката албанска партија ДУИ и македонската опозициска партија СДМС, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов во своето годишно обраќање истакна дека Република Македонија во минатата година се соочува со големи предизвици, како на глобален, така и на домашен план. Тој додаде дека во последните шест години, земјата се соочува со три сериозни и длабоки политички кризи. Причина за овие кризи, според Иванов е непостоењето на политички дијалог и договор.
“Граѓаните треба да знаат дека расплетот на секоја политичка криза во изминатите шест години беше на моја иницијатива. Како претседател на Република Македонија и во 2011-та, и во 2012-та година ги собирав лидерите на политичките партии во мојот Кабинет се додека не најдат решение. Исто така, за последната криза, постојано истакнувам дека мојот Кабинет е отворен за лидерските средба, но некои политички лидери не сакаат да доаѓаат кај претседателот. Тие за жал, и денеска ги оставија своите места во Домот на демократијата празни и сносат дел од одговорноста за состојбата во која ни се наоѓа земјата“, рече Иванов.
Антонио Милошоски од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, рече дека отсуството на ДУИ и СДМС од седницата на која се обраќаше претседателот Иванов претставува отсуство на капацитетот за политички дијалог и политичка култура пред државните институции. Тој додаде дека претседателот Иванов има ставови што ги застапува во континуитет, без разлика на дневно политичките превирање во земјата.
“Сметам дека таквото држење до своите ставови и принципи, а не поведување по дневно политичките случувања, е добра одлука за еден политичар, којшто треба да ја претставува државата во име на сите граѓани. Отсуството на СДСМ и ДУИ го цениме како отсуство на капацитет за политички дијалог и отсуство на политичка култура пред државните институции“, рече Милошоски.
Од друга страна, Ермира Мехмети од владеачката албанска партија ДУИ, рече дека Иванов не е легитимен претседател и дека не ги претставува сите граѓани и етнички групи во земјата.
“Пратеничката група на ДУИ не беше присутна денес во пленарната сала, во која се обрати г-дин Иванов, бидејќи политичката позиција на партијата е дека тој не е легитимен претседател и не е консензуален претседател на земјата, не ги претставуваа сите граѓани, гласачи и сите етнички групи во земјата“, рече Мехмети.
На обраќањето на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов присуствуваа само пратеници на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, и дел од пратениците на албанската опозициска партија.