Admir Fazlagic
23 Февруари 2017•Ажурирај: 24 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Британскиот државен министер за Европа и за Америка Алан Данкан денеска допатува во Скопје каде ги започна средбите со партиските лидери, јавува Anadolu Agency (AA).
Британскиот министер Данкан, посетата во Скопје ја започна со средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, после што се состана со заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска. По овие средби, британскиот државен министер Данкан се сретна со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.
За утре, предвидено е Данкан да се состане со претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, како и со лидерите на ДУИ и ДР-ДПА, Али Ахмети и Зијадин Села.
Претходно e најавено дека на средбите ќе се разговара за актуелната политичка ситуација, потребата за итни реформи кои ќе овозможат напредок кон членството во НАТО и ЕУ, како и плановите на лидерите за изградба на просперитетна и инклузивна држава.
Исто така, британскиот државен министер Данкан, претходно, во свое писмено обраќање истакна дека ќе ги посети Македонија и Црна Гора, кои според него се две земји од Западен Балкан кои се од клучно значење за Британија.
„Решени сме во ова подрачје да одиграме активна и поддржувачка улога. Среќен сум поради фактот што моите средби на полето на безбедноста, просперитетот и реформите ќе овозможат развивање на нови можности“, вели Данкан во своето писмено обраќање.
„Подолг период ја даваме нашата поддршка за членството на Македонија и Црна Гора во ЕУ и во НАТО“, стои во обраќањето на Данкан, во кое се додава: „Затоа е потребно да се истакне дека од животно значење за нивниот напредок се реформите во двете земји“.
Министерот Данкан во писменото обраќање истакна дека и пред двете земји стојат одредени проблеми и затоа во рамките на посетата ќе оствари средби со политичари и претставници на невладини организации, за да разговара за поддршката што Британија може да им ја даде на Македонија и на Црна Гора на полето на стабилноста, безбедноста и просперитетот.