Admir Fazlagic
24 Февруари 2017•Ажурирај: 24 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Алан Данкан, државниот министер за Европа и Америка на Велика Британија на Велика Британија и Северна Ирска, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот Иванов, на средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу двете држави, за случувањата во Европа и Европската унија, за актуелната политичка состојба во Република Македонија и мигрантската криза и за состојбите во регионот.
„На средбата беа разменети мислења за политичката криза во Република Македонија и можностите за нејзино надминување. Претседателот Иванов изрази незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји. Во разговорите, претседателот Иванов ги реафирмираше стратешките цели на Република Македонија во однос на европските и евроатлатските интеграции и посветеноста за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји", стои во соопштението.
Како што информираат на средбата помеѓу претседателот Иванов и државниот министер за Европа и Америка на Велика Британија било разговарано и за евроатланските перспективи на Македонија.
„Во однос на НАТО, претседателот Иванов изрази разочараност поради двојните стандарди, непочитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата и владеењето на правото во случајот со Македонија.Во однос на Европската Унија, македонскиот претседател повика на деблокирање на процесот на проширување кој го мобилизира и реформира општеството. Претседателот Иванов очекува појасна поддршка од Обединетото Кралство во однос на остварувањето на стратегиските цели на Република Македонија", информираат од кабинетот на Иванов.
Британскиот министер истакнал дека Велика Британија сака стабилна Република Македонија, и дека не сака да се меша во внатрешните работи на државата. Тој изразил разбирање за оправданиот револт од „статус кво" состојбата во однос на европските и евроатлантските интеграции и укажа дека ќе ја поддржат Република Македонија на овој план, соопштуваат од кабинетот на македонскиот претседател.
Утрово, Данкан оствари средби со претседателот на ДУИ Али Ахмети, со претседателот на ДР-ДПА Зијадин Села, а вчера се состана со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Најавено е дека во рамките на работна посета во Македонија, британскиот министер Данкан ќе се состане со тимот на Специјалното јавно обвинителство и со претставниците на граѓанските организации.