Besar Ademi
22 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
ТЕТОВО (АА) - Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по средбата со лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, која се одржа во Тетово во рамки на преговорите за обезбедување потписи за добивање мандат и формирање Влада, рече дека беа дискутирани важни прашања кои се однесуваат на Уставот на Република Македонија, за актуелната политичка ситуација и дека сега е најмногу потребно да има комуникација меѓу политичките партии, јавува Anadolu Agency (AA).
Ахмети истакна дека неговата партија ќе ги покани раководните тела на партијата да продолжат со анализирање на опциите кои се претставени и да одлучат за најприфатливата и најкорисната опција за Македонија.
„Се разговараше за важни прашања поврзани со решавање на проблемите и оваа комуникација треба да продолжи и понатаму за да се најдат што подобри решенија за граѓаните на Македонија, решенија кои ќе донесат стабилност и континуитет во сите области, имено, во меѓуетничките односи, економскиот развој и во односите со соседите“, изјави Ахмети.
Ахмети додаде дека останале многу неусогласени прашања, за кои според него им останува на работните групи на експертите да ги земат во предвид нивните насоки во врска со тоа како може да се заклучат прашањата за кои има разлики. Тој истакна дека не сака да разговара со песимизам, а ниту со прекумерен оптимизам и дека работите треба да се гледат рационално.
„Ние сме за праведно, добро и стабилно решение. Прашањата за кои се разговара не се лесни, клучни моменти се дека албанскиот јазик мора да го има заслужениот статус, статус кој произлегува од самиот Устав на Република Македонија. Јазикот што го зборуваат над 20 проценти од граѓаните е службен јазик во оваа земја“, рече Ахмети, додавајќи дека се се анализира добро за дa не се направи некој погрешен потег.
Заев: Се надевам дека преговарачкиот процес ќе заврши позитивно
По одржаната средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на СДСМ, Зоран Заев рече дека интензитетот на преговарачкиот процес помеѓу СДСМ и ДУИ се зголемува, резултат на преговарачкиот процес е и вечерашната средба на двајцата партиски лидери.
Заев рече дека со лидерот на ДУИ, Ахмети, разговарале за одредени прашања кои ќе бидат соодветно пренесени до работните групи поддржани од експертските тимови, за да можат, како што рече, тие прашања да бидат дорасчистени.
„Јас се надевам дека, колку што е можно побрзо овој преговарачки процес ќе заврши. Јас сум оптимист дека ќе заврши позитивно, но денеска одредени работи ги расчистивме со господин Ахмети, се надевам дека и нашите стручни тимови ќе го доловат духот којшто ние го разговаравме за да можат да ги изнајдат тие решенија во рамките на Уставот", рече Заев додавајќи дека и двете политички партии се залагаат да добијат уставно решение кое што ќе има практична примена.
Меѓу другото, Заев рече и дека ставовите на двете партии се приближени за одредени прашања за кои се преговара. Во тој контекст, тој напомена, дека двете партии имаат заеднички ставови во делот на ЕУ и НАТО, во делот на поддршка на СЈО, во делот на економска еднаквост, рамномерната распределба на капиталните инвестиции, како и рамномерната распределба на буџетските средства.
„Желбата е и на ДУИ и на СДСМ да добиеме уставни решенија во функција на новиот закон кој што треба да се донесе за употреба на јазиците. Не треба да си дозволиме ништо што е надвор од Уставот, за да се што друго е во Уставот падне во вода. Голем дел од прашањата поврзани со нашата платформа и од платформата на албанските политички партии се апсолвирани прашања. На крајот дури ако останат одредени отворени прашања не завршува денот на преговорите сега. Можеме за шест месеци да оставиме тие да се истолкуваат, да отвориме јавна дебата која ќе дефинира дека нештото е уставно и може да се прифати", рече Заев.
Тој истакна дека двете страни во преговорите се држат до Уставот.