Admir Fazlagic
22 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
ТЕТОВО (АА) - Претседателите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети вечерва во Мала Речица остварија средба во рамки на преговорите за обезбедување потписи за добивање мандат и формирање Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
По одржаната средба, лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека интензитетот на преговарачкиот процес помеѓу СДСМ и ДУИ се зголемува, резултат на преговарачкиот процес е и вечерашната средба на двајцата партиски лидери.
Заев рече дека со лидерот на ДУИ, Ахмети, разговарале за одредени прашања кои ќе бидат соодветно пренесени до работните групи поддржани од експертските тимови, за да можат, како што рече, тие прашања да бидат дорасчистени.
„Јас се надевам дека, колку што е можно побрзо овој преговарачки процес ќе заврши. Јас сум оптимист дека ќе заврши позитивно, но денеска одредени работи ги расчистивме со господин Ахмети, се надевам дека и нашите стручни тимови ќе го доловат духот којшто ние го разговаравме за да можат да ги изнајдат тие решенија во рамките на Уставот", рече Заев додавајќи дека и двете политички партии се залагаат да добијат уставно решение кое што ќе има практична примена.
Меѓу другото, Заев рече и дека ставовите на двете партии се приближени за одредени прашања за кои се преговара. Во тој контекст, тој напомена, дека двете партии имаат заеднички ставови во делот на ЕУ и НАТО, во делот на поддршка на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во делот на економска еднаквост, рамномерната распределба на капиталните инвестиции, како и рамномерната распределба на буџетските средства.
„Желбата е и на ДУИ и на СДСМ да добиеме уставни решенија во функција на новиот закон кој што треба да се донесе за употреба на јазиците. Не треба да си дозволиме ништо што е надвор од Уставот, за да се што друго е во Уставот падне во вода. Голем дел од прашањата поврзани со нашата платформа и од платформата на албанските политички партии се апсолвирани прашања. На крајот дури ако останат одредени отворени прашања не завршува денот на преговорите сега. Можеме за шест месеци да оставиме тие да се истолкуваат, да отвориме јавна дебата која ќе дефинира дека нештото е уставно и може да се прифати", рече Заев.
Тој истакна дека двете страни во преговорите се држат до Уставот.