Senada Ibraimova
09 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје, во Владата на Република Македонија започна состанокот на министрите за енергетика од Западен Балкан, кој го води вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, јавува Anadolu Agency (AA).
Претходно, еврокомесарот Хан се состана и со претседателот на Владата на Република Македонија, Емил Димитриев.
Во Скопје денеска се одржува министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан, на кој покрај еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, присуствуваат и италијанскиот државен потсекретар за надворешни работи Винченцо Амендола и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.
Исто така, во присуство на министрите од државите од Западен Балкан и еврокомесарот Хан, ќе се одржи пленеарна сесија во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, каде што министрите и комесарот Хан ќе бидат причекани од министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.
Министерскиот состанок во МНР ќе биде неформална средба на министрите за надворешни работи од балканските земји вклучени во т.н. „Берлински процес“. На состанокот, како што соопшти МНР, ќе се разговара за прашања од областа на регионалната соработка во различни сегменти, но со посебен акцент на заедничките регионални предизвици, економскиот просперитет и меѓусебното поврзување, владеењето на правото и антикорупцијата, во функција на интегрирање на сите балкански земји во Европската Унија.
Министрите за надворешни работи ќе одржат и заедничка сесија со министрите за енергетика, на којашто ќе се дискутира за примената на одлуките од Парискиот самит и очекувањата од претстојниот Самит во Трст во рамките на „Берлински процес“.
Според најавите, на маргините на состанокот ќе бидат потпишани два договора меѓу Европската комисија и меѓународните финансиски институции – Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Банкарскиот концерн КфВ, во рамките на Програмата за регионална енергетска ефикасност (REEP Plus – Regional Energy Efficiency Programme ) и Фондот за зелен раст (GGF – Green for Growth Fund ), преку кои ќе се финансираат проекти што ќе се реализираат во регионот.
Инаку, се очекува денеска еврокомесарот Хан да се состане и со претставниците на политичките партии во Македонија, со кои ќе разговара за актуелната политичка состојба во државата.