Admir Fazlagic
09 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Емил Димитриев, денеска оствари средба со Јоханес Хан, комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот на Владата, Димитриев, двајцата соговорници ја истакнале важноста и потребата од членството на Република Македонија во Европската Унија и дадоа позитивна оценка за меѓусебните односи.
Се наведува дека двете страни ги поздравиле спроведените парламентарни избори оценувајќи ги како фер, кредибилни и демократски.
Како што се соопштува, соговорниците разговарале и истакнале свои мислења и видувања за разни аспекти на актуелната политичка ситуација. Биле акцентирани реформите кои се потребни за унапредување на стандардите во сите општествени сфери и беше изразена посветеност кон продолжување на соработката во нивното спроведување.
„Премиерот Димитриев истакна дека Владата во рамките на своите ингеренции е посветена кон реализација на сите потребни активности за водење на земјата и реализација на стратешките цели за европска и евроатланска интеграција. Тој истакна дека изјавите и постапките на определени политичари од соседните земји кои предизвикуваат негативни чувства кај граѓаните на Република Македонија не се во функција на унапредување на добрососедските односи додавајќи дека нашата земја ќе продолжи со спроведување на политики кои значат соработка со сите заинтересирани страни во регионот во сфери кои се од заеднички интерес", пишува во соопштението.
Еврокомесарот Хан, истакнал дека Европската Унија го почитува интегритетот на Македонија и нејзината европска иднина.
Во соопштението се додава дека соговорниците истакнале дека е важно да се почитува сувереноста во одлучувањето за прашањата од државен и национален карактер.