Admir Fazlagic
26 Август 2017•Ажурирај: 27 Август 2017
ДРАЧ (АА) – Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, по одржаните состаноци со своите колеги, премиери на земјите од Западен Балкан, истакна дека дипломатско-политичката криза помеѓу Македонија и Србија е завршена, а дека на раководствата на двете земји им останува да ја унапредат меѓусебната соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
„Дипломатската криза помеѓу Србија и Македонија е завршена. Тоа го знам уште кога се слушнав со претседателот Вучиќ. Имавме долг разговор и ги разгледавме сите прашања. Се посветивме на перспективите. Со неколку реченици ги затворивме овие дебати кои постоеја и се насочивме кон перспективите”, рече Заев осврнувајќи се на минатонеделната дипломатско-политичка криза помеѓу Србија и Македонија, која настана откако властите во Србија одлучија на консултации да го повлечат персоналот од нивната амбасада во Скопје поради, како што наведоа, офанзивно разузнавачко делување.
Премиерот Заев посочи дека оваа година за Косово нема апликација за членство во УНЕСКО, како и дека очекува ова прашање да дојде на дневен ред во подобри околности. Додаде дека регионот мора да биде ориентиран кон иднината.
„Знам дека нема апликација за Косово и оваа година ова прашање нема да се дискутира, јас се надевам дека во моментот кога ова прашање ќе се дискутира ќе имаме навистина посоодветни, можеби подобри околности за ова прашање. Регионот мора да гледа само позитивно со перспективи напред, и никако, која било од земјите да не дава причини за нарушување на меѓусоседските или регионалните односи на земјите“, рече Заев додавајќи дека сите лидери на денешниот неформален состанок се единствени, како што рече, во она што значи интерес на граѓаните на земјите од Западен Балкан, со цел унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.
Во однос на прашањето на влијанието на земјите од регионот на билатералниот проблем со името помеѓу Макеоднија и Грција, премиерот Заев истакна оти смета дека земјите од регионот се пријателски ориентирани кон Република Македонија, како и дека ова прашање е билатерално.
Тој информираше дека лидерите на земјите од Западен Балкан денеска дискутирале за различни идеи посветени на бизнисот и економската соработка, од ко, како што рече, корист ќе имаат сите граѓани на земјите од регионот.
На денешниот неформален состанок во албанскиот град Драч учествуваат премиерите на Република Македонија, Зоран Заев, премиерот на Косово, Иса Мустафа, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседателот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина (БиХ), Денис Звиздиќ, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, како и премиерот на Албанија Еди Рама, којшто е домаќин на оваа средба.
Исто така, на неформалната средба присуствува и европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан и Кирил Мулер, заменик-претседател на Светската банка за Европа и централна Азија.
На маргините на состанокот ќе се одржат различни работни сесии, на коишто ќе се дискутира за теми како трговијата, услугите, инвестициите и дигиталната економија.
Меѓудругото, се очекува шефовите на владите на земјите од Западен Балкан да дискутираат и да гарантираат максимално ангажирање на високо ниво, во насока на спроведување на Акцискиот план за регионалната економска зона што беше договорено на Самитот во Трст во Италија.
Според претходно најавеното, досегашните резултати на Берлинскиот процес и идните перспективи за регионалната соработка на Западен Балкан се една од темите за дискусија на денешниот собир.